БАРАЊАТА ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА – ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО ЗАПОЧНУВА УТРЕ

Со Одлука на Владата од минатата недела, второто полугодие во основните и средните училишта во земјава треба да почне утре со физичко присуство на учениците.

Во пресрет на продолжението на учебната година зачестија барањата за почеток на второто полугодие со онлајн настава. По Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), со вакво барења излезе и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”.

Владата на 26 јануари по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари. Министерот за здравство Беким Сали во петокот изјави оти ваквата одлука е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство. Тој сепак нагласи дека Министерството за здравство ќе спроведува скрининг меѓу учениците по случаен избор и доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, ќе бидат преземени соодветни мерки мерки.

„Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки“, изјави Сали.

СОНК во четвртокот побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство, со оценка дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во изјава за МИА истакна дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.

„Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство“, нагласи Неделков.

Во петокот и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” соопшти дека упатила барање до Владата и до Комисијата за заразни болести за преиспитување на одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство на учениците.

Според „Меѓаши”, бројот на заболени деца што се јавиле во Институтот за белодробни заболувања во периодот крајот на декември 2021 – почетокот на втората половина на јануари е двојно зголемен од вообичаениот број за време на најголемите пикови во претходните бранови, па со оглед на ваквата состојба неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн.

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


Погледнете повеќе

Повеќе информации