ВО РАДОВИШ ОДБЕЛЕЖАН 21 ДЕКЕМВРИ-ДЕНОТ НА ТУРСКАТА НАСТАВА ВО МАКЕДОНИЈА

По повод  „Денот на турската настава во Македонија“  вчера во ЦК „Ацо Караманов“ во Радовиш, беше одржана свечена приредба, организирана од страна на ООУ „Крсте П. Мисирков“-Радовиш.

Настава на турски јазик во Македонија  се изведува од далечната 1944 година. Со измените на законот за празници на Македонија – 21 декември е прогласен за ден на настава на турски јазик како празник за припадниците на турската заедница во Македонија. Со овој закон Турците во Македонија за прв пат слават свој национален празник.

Не е случајно што токму ООУ„Крсте П.Мисирков“ Радовиш веќе долги години е домаќин на овие свечености, бидејќи во ова училиште веќе долги години покрај македонскиот се држи настава и на турски јазик.  На свеченоста покрај многубројната публика беа присутни и секретарот на општина Радовиш  Драги Стојанов, советници од општина Радовиш, директори од основни училишта од општина Радовиш, директори и претставници од повеќе институции од општината и наставници.

Посебно задоволство претставуваше присуството на градоначалникот на општина Ташкопру од Турција Недрет Ѓулен  како и претставникот од истата општина Осман Пекер, кои имаа свои обраќања пред присутните, во кои  им го честитаа празникот на сите Турци во Македонија.

На свеченоста свое обраќање во името на општината имаше и секретарот на општината Драги Стојанов, од името на училиштето домаќин директорката на училиштето Олгица Стојанова и од името на организацијата на свеченоста Мевлјуда Асанова.

На свеченоста освен учениците од ООУ„Крсте П. Мисирков“-Радовиш, кои настапуваа со хорот на училиштето, свои настапи имаа и  фолклорни групи составени од ученици од подрачните училишта од с.Коџалија и од с.Бучим, многубројни рецитатори на литературни творби, исто така учество земаа и фолклорните групи „Ацо Караманов“ Радовиш и „Јени Хајат“  Радовиш.

По повод овој ден од страна на училиштето беше распишан литературен и ликовен конкурс, на кој учествуваа повеќе ученици, од кои  наградени беа сладниве ученици: од литературниот конкурс на турски јазик беа наградени учениците Емирхан Мемедов – прво место, Ебру Ибраим – второ место, Гизем Мехмет – трето место.

Од литературниот конкурс во рамките на меѓуетничка интеграција во образованието исто така беа доделени награди од кои: Вера Здравкоска – прво место, Сандра Филиповска – второ место, Мирјана Василева – трето место. Од ликовниот конкурс беа наградени учениците Емрах Арифов – прво место, Симон Пранговски – второ место, Нурсел Јакупова – трето место.

 

©RadovisNews – Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само со ставање хиперлинк до наведување на изворот RadovisNews и содржината што се цитира.

Related Articles

Временска прогноза