НЕОБЈАВЕНИ ФОТОГРАФИИ ОД АЦО КАРАМАНОВ

БЕСМРТЕН СПОМЕНИК КОЈ ВЕЧНО ЌЕ ЖИВЕЕ!

  • Со сиот жар на својата душа, Караманов тежнееше да ги посегне највисоките врвови на мудроста и далновидноста. Знаеше дека од највисоките врвови најдалеку се гледа, иако сонцето заслепувачки сјае и го осветлува небесниот океан исполнет со безброј ѕвезди.
  • Споменот за ова младо момче нека биде стремеж за идните поколенија. Неговиот подвиг и дострел вечно ќе бидат запишани во македонската историја како придобивка која ќе сведочи за македонската верба и непокор.

 

Како скоевец бил бестрашен. Немало задача и обврска кои можеле да не бидат исполнети. Во 1942 година имало една акција на растурање картички со ликот на Гоце Делчев и познатата парола дека светот го подразбира како поле за културен натпревар меѓу народите.

Среде бел ден, раскажува Петрушевски, најлојалниот и најсигурниот меѓу скоевците, Караманов, фрлал летоци во дворот на Участакот. Заедно се во сите групи и акции, а не ретко во станот на Караманов, карши сегашната Универзална сала, ги одржувале скоевските состаноци.

 

НЕПРИКОСНОВЕН ТИТАН

Поетскиот растеж во 1943 година го бележат нови стихотворби и “како резултат вонредното поетско остварување, можеби најдоброто што Караманов воопшто го напишал – поемата “Приказна”. Од таа година се сочувани и најголем број, седум фотографии.

Првите три фотографии се направени во месец март. Во скопскиот парк, кај стадионот се шестмина гимназијалци: Ацо Караманов и Трајко Стојановски (клечат, од лево) и Драган Димитровски, Тодор Аревски, Бане Петрушевски и Здравко Минчев (стојат, исто од лево). На двете други фотографии не е Караманов, што ќе рече дека зад фотографскиот објектив бил токму тој и го регистрирал веселото расположение на своите пет другари. Една поголема група, десет гимназијалци препознатливи по униформираните качкети, имаат групна фотографија во скопскиот парк. Во редот, шести од лево стои Караманов. Фотографијата била направена во месец март. И уште една фотографија од тој миг. На неа е група од осуммина и во првиот ред, втор од лево стои тој. Новата групна фотографија, осумнаесет младинци, е направена исто така, во скопскиот парк и според позадината од оголени дрва тоа е секако крајот на есента или почетокот на зимата 1943 година. И последната фотографија потекнува од паркот. Времето на нејзиното настанување не е забележано, но според облеката на шестемина младичи, кошули со кратки ракави и кратки панталони, тоа е летото. Во долниот ред, од лево клечат: Бане Петрушевски, непознат и Ацо Караманов. Во горниот ред, од лево стојат: непознат, Трифун Илиевски и Тодор Аревски.

Групна фотографија во скопскиот парк – март 1943 година

Караманов со своите другари во близина на скопскиот парк

Лица исполнети со надеж и самодоверба – во скопскиот парк, лето 1943 година

Летното сонце уште повеќе само како да ги осветлило и разубавило ликовите на момчињата исполнети со самодоверба, оптимизам и верба во иднината и слободата. Прекрасната фотографија која впечатливо ја дополнува и записот на Димитар Ташков, на кој посочува и Ѓурчинов, првично извлекувајќи неколку редови од него. Пишувајќи за книгите кои претставуваат дел од неговото творештво, нагласува дека тие “претставуваат бесмртни споменици на неговиот креативен дух. Тие го осветлија творечкото битие на овој млад гениј, чија голема ѕвезда силно блесна на хоризонтот на новата, нашата епоха, но во кусовечноста на својот творечки жар немаше среќа да поживее на слобода и да создаде уште големи дела, достојни на епохата, но и на вечноста. Со сиот жар на својата душа, Караманов тежнееше да ги посегне највисоките врвови на мудроста и далновидноста. Знаеше дека од највисоките врвови најдалеку се гледа, иако сонцето заслепувачки сјае и го осветлува небесниот океан исполнет со безброј ѕвезди.

Знаеше дека судбината на титаните е да копнеат по сонцето и ѕвездите, по слободата и љубовта, по бесмртноста и вечноста, за кои сакаше да живее и да твори, а чиј здив го почувствува многу млад во светот на книгите и литературата”.

КОБНО ПРЕТЧУВСТВО

Како да ја насетувал сопствената смрт. Всушност, неа тој и самиот ја предизвикувал. Но, животот го живеел полнозначно. И создавал литература која непосредно извирала и го одразувала него самиот, животот и светот кои го опкружувале, свесен за тоа, но и со уште понагласена мисла и смисла дека литературата била и останува секогаш нешто повеќе од обичниот живот. Како да сакал токму нему да му побегне и да се допре до универзалноста и вечноста. Оттука својата песна “Поет” и не случајно ја започнува со стиховите: “Јас сакам да станам поет – динамит,/ поет на борбата/ со рафал во душата/ устремен напред/ кон утрешниот ден,/ со душа прекалена во тешки борби/ во кој само љубовта кон родот татни”. Човекот во еднаш и кратко дадениот живот доаѓа и си заминува. Доаѓа и влегува во утробата на мајката земја, “со јарост во градите, со пролет во мечтите,/ слободен и силен и за борба жеден”. И единствена мерка за човекот е неговото дело. Делото по кое ќе се споменува и паметува. “Затоа те љубам само тебе/ о бурна борбо, о вриежу силен;/ во твоите пазуви нека ме погребат/ мене, синот и поетот, оголник на трудот”. Со тие идеали е среде барикадите и среде дожд од куршуми, среде јаросан дим под силното сонце и тамо среќен пее. “И во мене денес љубов безмерна ечи/ во бурната борба, во вриежот тој,/ срцето денес нека ми биде пламен рафал/ душата бура,/ а рацете меч”.

Така ликот и делото на Ацо Караманов трајно се меморираат во свеста на македонската традиција и континуитет. Возвратена е љубовта за него низ текстовите на Милан Ѓурчинов, Бранко Заревски, Александар Алексиев, Радивое Пешиќ, Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Доне Пановски и Љупчо Стојменовски, на Иван Ивановски, Влада Урошевиќ, Петар Бачанов и Чедо Јакимовски, на Васил Тоциновски и Науме Радически, на Александар Прокопиев, Соња Стојменска – Елзесер и Јасна Котеска, на Доне Донев и Борче Панов. На дел од трудбениците од сите генерации на современата македонска литература. Но, и автори од други средини како Жика Лазиќ, Иван Студен, Тоде Чолак, Миодраг Шијаковиќ. Сите автори и текстови во една ваква пригода и не можат да бидат споменати. Почитта е и во тимот на авторите кои го приопштувале неговото дело на македонскиот јазик – Радивое Пешиќ, Влада Урошевиќ, Евтим Манев и Љупчо Стојменски. Во бројните поетски и сценски презентации на неговото книжевно дело.

Оттука откривањето на секој нов миг од животните и творечките врвици на Ацо Караманов, како што се и фотографиите од архивата на Бане Петрушевски, сведочат дека споменот живее, не се заборавил и секогаш има надеж дека почитта и љубовта на современоста можат да им бидат возвратени на минатото и да бидат прекрасни аманети за иднината.

(Крај)

Пишува: Васил ТОЦИНОВСКИ

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

Related Articles

Временска прогноза