Во рударската населба од железно време кај Дамјан пронајдена керамика стара 8000 години
Археолози интензивно работат на откривање на рударска населба од железното време, а која се наоѓа на просторот каде што ќе поминува транспортната траса по која ќе се носи рудата од новото рудно тело Боров Дол до рудникот Бучим.
Директорот на Заводот за заштита на спомениците и Музеј на град Штип, Митко Штерјов вели дека на овој локалитет пронајдени се две печки за топење на железна руда, монети од 3 и 4 век, како и керамика карактеристична од пред 8000 години.
– Во моментов можеме да се пофалиме дека во голем дел е ископан делот, каде што ќе поминува транспортната трака и воедно можеме да кажеме дека се работи за еден огромен простор и за огромен период кој се простира некаде од неолитот, па до 3 до 4 век од нашата ера. Овде е најдена рударска населба од бронзеното време, односно преодот од бронзеното во железното време, со многу карактеристични наоди, вели Штерјов.
Истакна дека артефактите кои се пронајдени на овој локалитет потврдуваат дека жителите од радовишкиот регион, селата Бучим, Дамјан и Пилав тепе уште пред праисторијата, па до денеска се занимавале со рударство.
Археолошките истражувања финансиски ги поддржува рудникот за бакар и злато „Бучим“. Заменик менаџерот на „Бучим“, Николајчо Николов вели дека е задоволен од соработката со штипскиот Музеј. Инаку по завршувањето на археолошките иостражувања се планира да се отвори новото рудно тело Боров Дол, кое се простира на територија на Конче, Штип и сосема мал дел на Радовиш. Рудата од оваа тело ќе се траспортира по тарнспортна трака, која треба да биде долга околу седум километри до флотациајта на „Бучим“, каде што се преработува рудата.
Ова е втора архелошка акција. Пред околу седум месеци во месноста Боров Дол откриена е рударска населба која датира од 5 и 6 век пред новата ера. Археолошките истражувања ќе завршат до крајот на мај, кога откако ќе се документираа материјалот овие локалитети ќе бидат затрупани.
Прилог: TV Telma, Вики Јованова