ПЕЧУРКИ- Нешто повеќе за Врганот, Лисичарката, Јајчарката и Смрчакот….

Печурките претставуваат посебна форма на живот која по бројот на видови претставува најраспространет жив организам на земјата. Утврдени се преку сто илјади видови печурки, а се смета дека нивниот број е далеку поголем. 

Несомнени се улогата и значењето на печурките во екосистемот и во синџирот на исхрана, а сè позначајна е нивната улога и употреба во медицински цели. Кинеската и јапонската медицина со векови ги користат печурките во борба дури и против најтешките форми на заболувања како канцер, дијабетес и сл.

 

Нутритивни вредности
 Покрај специфичниот мирис и вкус, печурките имаат специфичен и богат состав од животоважни витамини, минерали и олигоелементи. Витаминскиот состав нуди големи количини на витамини Б1, Б2, Б5, Ц и Д. Од минералите застапени се магнезиум, селен, фосфор, железо, цинк, калциум и др. Печурките се богати и со големи количини на растителни влакна. Комбинацијата на вакви хранливи и животоважни елементи ги прави печурките идеална храна за секого, особено за вегетаријанците како своевидна замена за месото и идеален извор на фолна киселина.

Печурките, покрај животните, се единствени организми кои имаат способност за синтеза на витамин Д.
Печурките, за разлика од растенијата, ги содржат сите есенцијални аминокиселини неопходни за животот на луѓето.

Медицинско значење

Печурките содржат многу биолошки активни компоненти кои во комбинација со важните нутриенти се исклучително ефикасни во превенција и лекување на низа здравствени нарушувања. Сè почеста е употребата на печурките во третман и на потешки форми на канцер. Голем број научни истражувања ги потврдуваат позитивните ефекти од употребата на печурките токму во медицински цели.
Печурките се докажан борец во превенција и лекување на настинките и грипот. Дејствуваат стимулативно на организмот и го зајакнуваат имунолошкиот систем.
Изразени лековити ефекти се утврдени кај одредени срцеви и кардиоваскуларни заболувања. Успешни резултати се добиени во третман на висок крвен притисок, артеросклероза и мозочен удар.

ОСНОВНИ ПРАВИЛА ЗА ПОДГОТОВКА НА ЈАДЕЊА ОД ПЕЧУРКИ

  • Важно е да се запомни дека печурките во свежа форма се чуваат на ладно (во фрижидер) најмногу до 5 дена.
  • Се мијат непосредно пред подготовка на јадењето и тоа брзо, нежно и исклучиво под млаз од ладна вода.
  • Јадењата приготвени од печурки треба да се консумираат веднаш. Овие јадења не треба да се подгреваат. Кај отстоените јадења и кај подгреаните јадења постои опасност од распаѓање на протеинските и други компоненти од печурките што, пак, може да доведе до појава на одредени токсини.
  • Вкусот на јадењата можете да го зајакнете со додавање сол, соја сос, лук, кромид, босилек, магдонос и сл.

Јадењата од печурки секогаш консумирајте ги свежо подготвени и во никој случај не подгревајте ги!

 

Колку често на вашата трпеза?

Печурките не треба и не мора да бидат дел од вашето секојдневно мени. Уште поважно е дека за еден оброк е доволна количина од околу 200 грама печурки. Може да се консумираат свежи, сушени или маринирани.


Видови печурки кои се користат во нашата исхрана

Најчесто консумирани, а практично и најдостапни видови печурки кои се наоѓаат на нашата трпеза се шампињоните и буковката. Покрај овие, нашите шумски предели изобилуваат со многу други видови превкусни печурки како што се популарните вргањ, лисичарка, смрчка.

           
вргањ                                          буковка                               лисичарка                      смрчка


ВРГАН

Врган претставува вид јадлива печурка со топчест, кафеав шешир кој го носи на периферијата на стеблото.

Може да расте во висина до 20 сантиметри се наоѓа во ливади и на сончеви падини низ Европа, а во кујната се користи свеж, сушен или конзервиран.

Врганот има пријатен мирис и вкус како и нискокалорични вредности, а притоа често се користи во кулинарството. Во италијанската кујна, овој вид печурки се општо познати како ”Porcini” и се користат при приготвување на рижото, давајќи му одличен вкус.

Вргањот е печурка која буди најмногу интерес кај љубителите и собирачите на печурки. Може да се најде во периодот од месец јуни до месец ноември  во листопадни и зимзелени шуми.

Лисичарка

Лисичарката е многу вкусна печурка со одличен квалитет.  Во Македонија, покрај вргањот е една од најексплоатираните печурки. Расте поединечно или групно во иглолисни и листопадни шуми, преку лето и наесен од месец јуни до месец ноември.

 

 

Јајчарка

Поради својата карактеристична боја, убавина и вкус, позната од римско време, јајчарката е наречена царска габа. Масивна и богата со месо расте на отворени и топли места, светли шуми и на ливади од месец јуни до месец октомври.

Смрчак

Сезоната на смрчакот е во месец мај. Расте во иглолисни планински шуми и на чистинките околу нив. Во многу голем број се јавуваат на опожарени места. Смрчакот е извонредно вкусна и многу ценета печурка.


Рецепти

Кајгана со печурки

Потребни состојки:

  • 200 г печурки
  • 4 јајца
  • 1 кромид
  • сол, бибер, зачин

Подготовка:

Кромидот ситно исечкан пропржете го на масло. Додадете ги печурките, исто така, исечкани заедно со зачините и пржете додека да омекнат. Во чинија изматете ги јајцата и прелијте ги преку печурките. Пржете додека не бидат готови.

Полнети печурки

Потребни состојки:

  • 1 кг шампињони со поголем шешир
  • 2 главици кромид
  • 200 г павлака
  • сол, бибер, зачин, магдонос

Подготовка:

Шеширите од печурките се одвојуваат од рачката и се редат во тава за печење. Одвоено се сечкаат кромидот и рачките од шампињоните. Се пржат на масло и се додава сол, бибер, оригано. Со оваа смеса се полнат шеширите, а одозгора се става едно лажиче павлака. Се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 20-30 минути.

Готовото јадење може да се служи како главно јадење, прилог со пире, предјадење или јадење во комбинација со разни видови месо.

Печурки со зеленчук

Потребни состојки:

  • 400 г печурки сечени на листови
  • 1 кромид
  • 1 страк праз
  • 2 поголеми моркови исечкани на кругови
  • 1 црвена пиперка
  • 1 помала тиквичка
  • магдонос
  • луто пиперче (по желба)
  • 1 ловоров лист
  • оригано, бибер, сол, зачин

Подготовка:

Кромидот и празот ситно се сечкаат и се пропржуваат на масло. Се додаваат шампињоните (или друг вид печурки) и повторно се пропржува. Се додаваат останатите сечкани зеленчуци, се мешаат, тавата се покрива со капак и се динстаат на тивко 15 минути. 

 


 Прирачник и монографија за собирање печурки и лишаи

 

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

 


 

 


 

 

 

 

 

 

Related Articles

Временска прогноза