Започна со работа новата пречистителна станица за третман на отпадни води во Радовиш.
Покрај новата пречистителна станица за третман на отпадни води, ревитализирана и проширена е примарната канализациона мрежа во општината Радовиш, со што се решава проблемот со отпадните води, се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина, а се намалува и надземното и подземното загадување. Во рамките на проектот се изградени и колектори и нов пристапен пат.
Пречистителната станица во Радовиш е со инсталиран капацитет за 25.000 жители.
Почетокот на работењето на новата пречистителна станица во Радовиш е од големо значење бидејќи преку овој проект се подигнуваат стандардите за третманот на води, согласно ЕУ директивите.
Изградбата на Пречистителната станица во Радовиш започна во 2016 година, а целосната изградба заврши за две години. Ова е трета Пречистителна станица изградена од WTE Group. Првата пречистителна станица лоцирана во с. Сачево, Струмица, беше пуштена во употреба кон крајот на 2017 година, а втората лоцирана во Кичево, беше пуштена во употреба минатиот месец.
Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.
WTE Group е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ, присутна со проекти од оваа област во 18 европски земји.