ДЕЛЕГАЦИЈА ОД РАДОВИШ ВО ПОСЕТА НА ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД БЕЛИШЧЕ ВО РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА

Во деновите од 14 до 16 Септември, делегација од општина Радовиш предводена од Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, беше во посета на збратимениот град Белишче во Република Хрватска. Повод за гостувањето беше поканата за учество на традиционалната манифестација „Белишчанска златна есен“, во чии склоп се одржаа повеќе протоколарни и културно-спортски активности.

Најпрво делегацијата беше официјално пречекана во општината од страна на Градоначалникот на град Белишче Г-дин Динко Бурич, кој упати огромна благодарност за прифатената покана, со желби за продлабочување на соработката помеѓу нашите две општини. На оваа свеченост, свое обраќање имаше и Градоначалникот Конзулов, а исто така и останатите присутни Градоначалници кои беа гости во склоп на манифестацијата. Свои делегации имаа: општина Богатич од Р.Србија, општините Колашин и Мојковац од Р.Црна Гора како и општините Бенковац и Биоград на Мору од Р.Хрватска. Исто така, на сите настани, присутен беше и генералниот конзул на Република Србија во Р.Хрватска, Г-дин Горан Петрович.

Покрај делегацијата од ЕЛС општина Радовиш и општинските установи, дел од посетата на Белишче беа и Фолклорниот анасамбл „Ацо Караманов“ како и ликовните уметници од ДЛУР РАДА, Душан Коцев и Марјан Крстев, кои уште еднаш, на највисоко ниво ја претставија нашата општина учествувајќи во повеќе активности. Имено, во склоп на Белишчанска златна есен во текот на првиот ден се одржаа и манифестациите „Музички мостови на културите“ и „Денови на српската култура“, во чија реализација покрај ансамблите од Србија и Црна Гора, свој настап имаше и Фолклорниот ансамбл „Ацо Караманов“.

Вториот ден од посетата, најпрво започна со трката Белишчански ценер, a потоа во свечената сала на Советот, свое презентирање имаа домаќините град Белишче и општина Богатич од реонот Мачва од Република Србија. Веднаш потоа делегациите заминаа во посета на фабриката Harburg Freudenberger Belisce DOO, во која се произведуваат преси за производство на автомобилски гуми и тоа на најпознатите брендови како Michelin, Goodyear, Pireli и др.

Во галеријата во склоп на Центарот на култура „Сигмунд Ромберг“, беше отворена изложба на фотографии од Мачванскиот крај, а беше оддржана и презентација на традиционалната српска кујна.

Истиот ден во попладневните часови, делегациите присуствуваа и на музичко-поетски перформанс на аматерското студио „Јанко Веселинович“ од Богатич, Р.Србија, како и на прогласувањето на победниците на традиционалниот Државен натпревар во готвење на чобанац, кој се оддржа на плоштадот Анте Старчевич во Белишче.

Во текот на третиот ден, најпрво беше посетена меѓународната ликовна колонија „Панон Белишче“, на која свое учество имаа и ликовните уметници од ДЛУР РАДА Радовиш. Веднаш потоа се замина во посета на етно селото Каранац и етно-објектот „Барањска куќа“, каде беа разменети подароци помеѓу сите присутни делегации.

За крај на самата манифестација, во вечерните часови на плоштадот Анте Старчевич, беше оддржана фолклорна смотра и настап на 14 културно-уметнички друштва и ансамбли од шест држави. Свој прекрасен настап имаше и Фолклорниот ансамбл „Ацо Караманов“. Со овој настан беше заокружена прекрасната програма на Белишчанска златна есен.

Понесувајки огромни импресии и зацврстувајќи ја својата соработка на полето на културата и туризмот, делегацијата од општина Радовиш замина на 17 Септември.

 

 

 


 




 

 

 

 

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза