ПОДГОТВИТЕЛЕН ПЕРИОД ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ И ПРЕТПРИЈАТИЈАТА ДА СЕ ПРИПРЕМАТ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ ЗА СРЕДСТВА ПО ИПАРД 2 ПРОГРАМАТА

Владата на Република Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги известуваат сите заинтересирани правни и физички лица, дека во првата половина на месец ноември 2018 година ќе се објави „Јавен повик“ за доставување на барања за користење на финансиски средства од петтата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програма за периодот 2014-2020 година).

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, рече дека оваа најава за Повик e всушност подготвителен период за сите кои сакаат да аплицираат за искористување на европските средства.

„Ова значи дека од денеска, па во наредниот период, на сите земјоделски стопанства и преработувачки капацитети, им се дава подготвителен период за прибирање на потребната документација за изработка на апликации за поднесување на барања за добивање на финансиска поддршка од ИПАРД 2 Програмата. Сите заинтересирани, може да поднесат барања за финансиските средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 за следните мерки: 1. Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства, 2. Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи .“ “- рече Бабовски.“

Преку мерката „Инвестици во материјални средства на земјоделските стопанства,“ барателите ќе може да набават земјоделска механизација, опрема, да изградат нови или да ги осовременат постојните фарми.

Додека пак со мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи, ќе може да се набават машини, опрема за преработка на земјоделски производи (од растително и животинско потекло), како и да градат објекти за преработувачки капацитети, а со цел унапредување на домашниот агро – сектор и достигнување на ЕУ стандардите.

Деталите за вториот Повик за ИПАРД 2 ќе бидат објавени дополнително, а огласот ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавување на Јавниот повик во дневните весници.

„Првиот повик од ИПАРД 2 програмата заврши со рекордни 919 склучени договори во вредност од 15,8 милиони евра, од кои 12 милиони евра се европски средства, наменети за набавка на нови трактори, механизација,опрема, машини и опрема за преработувачките капацитети. Со последниот Повик за ИПАРД 2 бројот на склучени договори е приближно ист со бројот на склучени договори со цел програмски период од ИПАРД 1. “- вели Бабовски

Со користење на европските средства од петтата компонента на инструментот за пред пристапна помош го унапредуваме и осовременуваме домашниот агро – сектор, а со тоа овозможуваме зголемено производство, квалитет, како и пласман на домашните земјоделски производи во странство.





 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза