ПО ЕДНОГОДИШНА ИСТРАГА РАЗБИЕНА ШВЕРЦЕРСКА ГРУПА
Полицијата уапсила 13 лица кои криумчареле артефакти и ги продавала во Турцја, Албанија и Грција, по истрагата која траела една година. Меѓу уапсените има лица од Скопје, Велес, Струмица, Струга, Радовиш, Тетово и Битола.
Криминалистичката истрага се спроведуваше една година од страна на ОСОСК – Единицата за сериозен криминал, при Секторот за криминалистички истраги, а вчера се извршени претреси на вкупно 16 локации, при што од слобода се лишени 13 лица и од нив привремено се одземени голем број на артефакти: монети, полускапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети, метални шипки, мапи, метал детектори, скици, тефтери, нотеси, мобилни телефони, рамка за пиштол и куршуми, рече Ангеловски.
Полицијата поднела кривична пријава против 14 лица- Р. П. (46) од велешкото село Лисиче, А. Б. (70) од Струмица, И. Д. (51) од струшко Делогожди, Ж. Р. (65) и В. М. (60) од Скопје, К. А. (49) од Тетово, Д. М. (37) и С. А. (28) од радовишките села Раклиш и Ињево, Ј. М. (72) од Струмица, З. Ј. (66) од Битола, А. Б. (74) од Струмица, О. Р. (57) од Скопје, како и Т. Ј. (47) и Б. Д. (45), двајцата од Велес.
Осомничените се товарат за сторени кривични дела злосторничко здружување, за присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, за изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, како и за прикривање.
Пријавените Р. П. (46), А. Б. (70) и Ж. Р. (65) во текот на 2017 и 2018 година, со цел стекнување на противправна имотна корист и присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, создале злосторничко здружение во кое како членови за целиот временски период или повремено партиципирале останатите кривично пријавени лица. Организаторите и членовите на групата во наведениот период со умисла и континуирано нуделе на продажба поединечно или групно повеќе предмети пронајдени претходно или во тек на посочениот период, договарале и вршеле истражувања на различни локации.
Ископаните археолошки предмети од непроценлива вредност на повеќе археолошки локалитети на повеќе локации низ државата- Струмица, Велес ги продавале на заинтересирани лица од Албанија, Турција и Грција, а продажбата ја вршеле на непосредни средби. Купопродажбата освен на територија на Македонија, ја вршеле и во Грција, изјави Ангеловски.
По лишувањето од слобода И.Д., Ј.М., Б.Д., В.М., А.Б., Р.П., Ж.Р., и А.Б. се задржани во полициска станица до нивно изведување пред Судија на претходна постапка, а О.Р., Т.Ј., К.А., З.Ј. и Д.М по извршен службен разговор се пуштени.