Вчера се одржа промоцијата на Проектот за градење на капацитети за еко – системско базирано намалување на ризиците од катастрофи (Еко–ДРР) преку одржливо стопанисување на шумите.
Во овој проект, кој се реализира преку Балканската канцеларија на меѓународната агенција за развој и соработка од JICA од Јапонија а во соработка со Центарот за управување со кризи и Јавното претпријатие „Македонски шуми“, општина Радовиш е избрана како пилот-општина во која ќе се реализира истиот.
На промоцијата присуствуваа претставникот на Балканската канцеларија на JICA, Г-дин Хидеја Кобајаши, Генералниот Директор на ЈП „Македонски Шуми“, Г-дин Зоран Ѓоргиев, Директорот на Центарот за управување со кризи, Г-дин Агрон Буџаку како и координаторите на проектот ЕКО-ДРР, Г-дин Тору Инада и Г-дин Стефко Стефановски.
Најпрво, свое поздравно обраќање имаше Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов кој истакна дека, за жал општина Радовиш во изминатата декада беше соочена со низа последици од елементарни непогоди, и токму тоа е причината што нашата општина е избрана како пилот-општина за имплементација на ЕКО-ДРР проектот.
Потоа, своја презентација имаа и директорите на ЦУК, и на ЈП „Македонски шуми“, по што од страна на координаторите на проектот следуваше негова целосна презентација.
Крајниот резултат од овој проект ќе биде изграден капацитет за намалување на ерозијата и количини на наносен материјал во речното корито на Радовишка река, а предвидено е, во Радовиш проектот да се реализира до 2022 година. По завршувањето на проектните активности, крајни корисници за превземање на обврските ќе бидат Центарот за управување со кризи и ЈП „Македонски Шуми“.