Здружението ЦЕЛОР – Центар за локален развој од Радовиш, со поддршка од донаторите Мрежа за рурален развој на Република Македонија и ЦНВП Скопје, преку проектот „Младите од руралните средини за интеграција на Македонија во ЕУ“ финансиран од Европската унија, на средното општинско училиште „Коста Сусинов“ од Радовиш му донираше опрема со која ќе се воведи систем за компостирање и производство на сопствено био ѓубриво во рамките на самото училиште. На примопредавањето присуствуваа претставници од здружението ЦЕЛОР, директорот на СОУ “Коста Сусинов” г-дин Гоце Лазаров, останати професори и ученици.
Преку оваа донација и заедничка акција, здружението ЦЕЛОР и СОУ „Коста Сусинов“ заеднички изнајдоа решение на еден од проблеми со кои се соочуваше училиштето, односно не поседувањето на соодветни алатки и инструменти за работа кои би го помогнале образовниот процес и практична едукација на учениците за начините на постапување и намалување на органскиот отпад и заштитата на животната средина, и преку демонстрација на практична на примена на едноставни мерки со кои може да се дојде до корисни решенија за редуцирање на отпадот и добивање на продукти од отпадот во форма на био-ѓубриво кое може да се користи за сопствени потреби при одгледувањето на растенија и нивното аранжирање и во училишнот двор.
Во спроведувањето на оваа акција се вклучени учениците, професорите и хигиеничарите во училиштето, додека сите ученици на посебни предавања ќе бидат запознаени за предноста и полезноста од компостирањето со насоки за правилно постапување со органскиот отпад и соодветен третман за намалување на отпадот.
Иницијативата за компострање во училиштето произлезе од група на ученици од т.н. “студиски круг” кој се формираше во рамките на СОУ Коста Сусинов на иницијатва од здружението ЦЕЛОР и под менторство на професорот по биологија Славе Трајанов кои ќе го следат целиот процес на компостирањето. Во тек се и останатите активности како што е одржување на наставни часови и практична работа на учениците за запознавање со процесот на компостирање.
Од здружението ЦЕЛОР се надеваат дека ваквата пилот активност ќе даде позитивен пример во подигањето на јавната свест за правилното управување со отпадот и заштитата на животната средина и вклучување на младите во креативни иницијативи за решавање на проблемите во заедниците. Од таму најавуваат дека слични вакви иницијативи и активности ќе се реализираат и во останатите училишта во југоисточниот плански регион за кои веќе се преговара со останати донатори и јавните институции да ги поддржат ваквите иницијативи.