Рокот за поднесување на барања за субвенции за Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година се продолжува до 30-ти јуни. Ова продолжување на рокот, како што соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е по барање на земјоделците, со цел да можат сите земјоделци да го искористат правото за поднесување на барања за финансиска поддршка за мерките од годинешната Програма за директни плаќања.
Земјоделците до овој рок ќе можат да ги поднесуваат барањата по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019-та година, односно за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади како и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, и за заклани животни во кланица.
Барањата за добивање на финансиската поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Оние баратели кои не знаат сами да поднесат барање или имаат потреба за помош при создавање на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели со состојба на 15 март 2019 година.
Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето, се наведува во соопштението на МЗШВ. Одгледувачите на добиток пред поднесување на барањето задолжително треба да ја проверат и по потреба ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.
Сите корисници на оваа финансика поддршка по аплицирањето и добивањето на печатениот примерок добро да ги проверат податоците и ако има одредени отстапувања во рок од 30 дена од денот на аплицирањето да ги извршат потребните корекции.