ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ БОГОРОДИЧНИТЕ ПОСТИ

Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).

Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.

И покрај постоењето на ориентирни правила во однос на позволените и забранети продукти за исхрана, никогаш не смее да се заборави дека сржта на  православната антропологија е во тоа дека од човекот не треба да се стори проста маса, туку секој е и треба да остане конкретна личност, Оттаму, „строгоста“ на личното применување на физичката страна на постот зависи од личносниот совет од духовниот отец кон своето духовно чедо.

Константата, пак, која треба да се следи во секој повеќедневен пост, а која никако не се „разблажува“ е духовната страна на постењето.

Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.


На први август според стариот календар (или на 14 според новиот) што се совпаѓа со започнувањето на Богородичните пости се празнува празникот на седумте браќа, маченици од Макавејскиот род за кои пишува во Стариот завет на Светото писмо (Библијата).

Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш овие денови 12 на број се викале Моринки. „Првите дванаесет дни од Августа се викает Моринки.

Тие дни жените не работает, ни перат, ни деца кʼпат. На тие дни гатает за доброто или лошото време за цела година; ако на пр. првиот ден од Августа чинит горештина, коложек (јанвар) ќе бидит студен, и напротив; ако на вториот правит добро време, на сечка (феврал) ке чинит лошо; и така за другите.“

Во Радовиш 1 август го сметале за тежок празник и тогаш постарите држеле строг пост и не работеле никаква работа. Постоело верување дека од тој ден времето се завртувало на зима и дека тој ден штрковите и ластовичките започнувале да се готват за селење во потоплите краишта.








 






 

 



 




About the author /


Related Articles

Временска прогноза