ДОЗВОЛЕН ВОНРЕДНИОТ ОТСТРЕЛ НА ДИВИ СВИЊИ

За да се спречи појавата на африканска чума, од вчера почна вонредниот отстрел на дивите свињи за кој и официјално беше донесено Решение на први август годинава од страна на Министерството за земјоделство.

Отстрелот, како што информира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, почна во некои од ловиштата, а по топлотниот бран што ја зафати земјава, ќе продолжи и во останатите.

Ловџиите, пак, укажаа на лошата финансиска состојба на концесионерите на ловиштата и побараа дополнителни средства од државата за реализирање на отстрелот, вклучувајќи ги сите биосигурносни мерки кои, рекоа, ќе значат трошоци плус. Најавија и дека од МЗШВ ќе побараат да бидат иземени од забраната за движење во шума за да можат да се вклучат во акцијата за вонреден отстрел на диви свињи.

-Со оваа превентивна мерка ќе се намали популацијата на диви свињи кои лесно може да ја пренесат болеста и во нашата земја. Според податоците, бројот на диви свињи во земјава е трипати поголем отколку што треба, рече Атанасов.

Од заловените диви свињи, повтори, ќе се земаат мостри, а ако се утврди присуство на африканска чума, тие веднаш ќе бидат нештетно уништени.

-Пред влегување на ловците во ловиштата, ќе треба да се изврши дезинфекција, а застреланите диви свињи треба да бидат донесени на одредени локации каде ќе се зема мостра за анализа. Ако ловците најдат мрша, ќе треба да се ископаат дупка и таму да ја закопаат. По овој принцип треба да се однесуваат и странските ловци кои ќе престојуваат во ловиштата во земјава, објасни директорот.

Поради опасноста од ширење на болеста, Анастасов апелира малите одгледувачи ако имаат можност да ги заколат свињите во кланиците, а месото да го стават во фрижидер или да ги дадат свињите во месната индустрија.

-Што со месото од отстреланата дива свиња на плус 40 степени? Концесионерите на ловиштата се во лоша финансиска состојба и за спроведување на овие мерки ќе бидат изложени на дополнителни тршоци. Затоа од државата ќе бараме дополнителни средства за спроведување на овие мерки, рече претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски.

Тој појасни дека освен во нивните, биосигурносните мерки ќе се спроведуваат и во заградените ловишта во земјава. Работата е многу сериозна, оцени, и треба брзо, превентивно да се дејствува на терен. Сите засегнати страни треба да направат заеднички напори и да ги преземат сите мерки за да се спречи појавата на болеста.

Африканска чума најблиску има во Бугарија, а од вчера и во Србија.

 

 








 






 

 



 




About the author /


Related Articles

Временска прогноза