Активности на терен: Директорот на ЈПДП Зоран Китанов објави дека започна првото пробно асфалтирање на експресниот пат Штип – Радовиш.
Изградба на експресниот пат Штип-Радовиш е продолжување на проектот за автопатот Штип-Миладиновци, и е во должина од 23,5 километри, инвестиција обезбедена со заем од Европската банка за обнова и развој. Патот се гради на целосно нова траса од местото Софилари пред Штип до Бучим кај Радовиш. Mаксималната дозволена брзина ќе биде 110 километри на час.
Според потпишаниот договор за изградба на новиот пат – треба да биде завршен до крајот на 2020 или почетокот на 2021 година. Истовремено со изградбата се изврши обнова со проширување на постоечкиот регионален пат.
Овој пат ќе биде продолжување на автопатот Миладиновци-Штип како ново комплетно сообраќајно решение, а ќе придонесе за намалување на времето за транспорт на стока и патници, со голема важност за жителите од регионот, каде што досега сообраќајот на стариот регионален пат се одвива во отежнати услови од аспект на безбедноста.
Новиот експресен пат ќе има две ленти со ширина од 3,5 метри и две ленти за застанување со ширина од два метра. Предвидено е да бидат изградени 11 мостови, 22 пропуста, три надпатника и два потпатника.
Активностите на терен ги извршува австриската компанија „Штрабаг“ која бешее избрана како најповолен понудувач.
Според договорот, проектот ќе се реализира во два дела. Првиот дел е изградба на експресен пат во должина од 23,5 километри по целосно нова проектирана траса. Вториот дел опфаќа петгодишно одржување на делницата од клучката Три Чешми до клучката Радовиш.