МАНТОВО – езеро во југоисточниот дел на Македонија. Сместено е на 15 км од Конче, 18 км од Радовиш и 25 км од Штип.
Езерото има издолжен облик и зафаќа вкупна површина од 4,49 км2. Административно, езерото во целост се наоѓа во Општина Конче.
Езерото Мантово е изградено на реката Крива Лакавица во 1978 година, со основна функција да го наводнува Радовишко Поле, да обезбедува вода за потребите на рудникот Бучим, да обезбеди водоснабдување на Општина Конче, како и да прерасне во главен туристички центар во регионот.
Езерото се протега во насока исток-запад. Од север се граничи со атарот на селото Долна Враштица, од исток со атарот на селото Габревци, од југ со атарот на селото Долни Радеш, додека од запад со атарот на село Гарван, од каде се наоѓа насипот на самата брана.
Езерото изобилува со богат и разновиден биодиверзитет, при што во него и неговата околина се среќаваат повеќе видови на слатководни риби и птици. Најзастапени видови на риби се: крап, сом, караш, костреш, клен, плашица, скобуст, црвеноперка и лињак.
Во поново време се преземени повеќе активности во насока на промовирање на Мантово како главен туристички центар во регионот. Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални граматни карпи во близина на ридот Габровска Чука овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување.
Во април 2008 година било најавено дека во околината на Мантово ќе се гради туристичка населба. Со проектот се предидувало изградба на поединечни куќи за одмор, хотели, трим-патеки и спортски терени. Во рамки на проектот е започната урбанизација на површина од 23 ха, за што Општина Конче преку Министерството за транспорт и врски има обезбедено средства во висина од 1,5 милиони денари. Во ноември 2013 година бил пуштен во употреба патот М6 од Штип до езерото Мантово. Со овој проект бил асфалтиран пат во должина од 4,5 км, почнувајќи непосредно кај клучката на спојување на патот кој води до Неготино, а за таа намена биле потреошени 23,6 милиони денари.
Во декември 2014 година крај езерото биле изградени три дрвени влашки колиби како дел од проект за промоција на влашкото културно наследство во регионот на Сер и Конче во рамки на прекугранична соработка со Грција. И покрај тоа што во Општина Конче не живеат Власи, локалната самоуправа изградените објекти ги нарекла „влашки колиби“ поради местото каде што тие поминувале и престојувале. Колибите се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.
Затскриена од главните сообраќајни патишта и оградена од планините Серта (или Конечка) која ја одделува од Повардарието на запад и југ и Смрдеш(ник) која ја одделува од Радовишко-струмичката котлина на исток, се распослала една прекрасна и китна висорамнина ишарана со бројните убаво обработени ниви со тутун, зеленчук, жито, бостан и безбројни овоштарници со сливи, праски и лозја, а сред неа час се белее, час синее големото вештачко езеро Мантово. Оваа област има извонредно и неверојатно богато минато и историска традиција.
Најстарите записи за Конче, под тоа исто име, датираат уште од 1019 година (11 век) од времето непосредно по поразот на Цар Самоил како и од 1366 година (14 век) кога е изградена прекрасната и велелепна црква Св. Стефан или позната и како Св. Богородица која и денес постои во селото Конче и токму во 2016 година одбележа 650 годинишнина од нејзината изградба, со што таа е и најстариот постоечки културно-историски споменик во цело Радовишко.
Оваа црква во чиј двор непосредно до храмот се наоѓаат остатоци од голема средновековна кула (тврдина) била изградена од средновековните владетели Никола Станоевиќ и Георги Бранковиќ како завештание за гробот на неговата ќерка. Интересната појава, што оваа црква е позната под 2 имиња т.е. светители, се поврзува и со чудесната икона на Света Богородица, која сама се појавувала (преместувала) од гевгелискиот крај тука во црквата. За иконата на Света Богородица се сметала дека има исцелителна моќ, па покрај христијани во црквата за исцеление доаѓале и муслимани. Поради исцелителната моќ на иконата која била пронајдена во црквата на празникот „Св. Константин и Елена“, односно „Свети Цареи“, во црквата се одржувал голем панаѓур на кој се доаѓало поради исцеление на луѓето и со желба за плодност на полето.
За исцелителната моќ на чудотворната икона во црквата во Конче пишувал и македонскиот преродбеник и собирач на народно творештво Марко Цепенков.
Доказ за значењето на целиот овој крај е фактот што во 1570 година (16 век) оваа област, во истите граници на денешната Општина Конче, била посебна управна административна единица Нахија Конче во рамки на Ќустендилскиот санџак. За целиот Лакавички крај на крајот на 19 век доста опширни описи дал и Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, а со својата будност и посветеност во борбата за слобода на Македонија и Македонскиот народ особено се истакнале жителите на блиското и прочуено село Дедино, кое се наоѓа на половина пат меѓу Радовиш и Конче.
Работилницата за рачни бомби во селото била отворена кон крајот на 1896 година, но била затворена во ноември 1897 година. Во време на национално-ослободителното револуционерно движење во селото Дедино отседнале и престојувале двајцата македонски револуционери – великани, Гоце Делчев и Јане Сандански. Во 1897 година, во Дедино и Ињево се одвила Радовишката афера на МРО. На 25 август во Дедино, настанало убиство на двајца собирачи на такси за тутунот, кои посвоите зулуми станале несносливи за народот.
Со ова убиство настанала таканаречената „Дединска афера“. Собирачите на данокот за тутун правеле многу пљачки низ селата, поради што месното раководство на ТМОРО во Радовиш донело решение да бидат спречени со сила, при што селската милиција во Дедино ги опколила и двајца од нив убила. Главатарот на групата бил ранет и успеал да избега, по што ја известил војската во Радовиш која го опсадила Дедино, при што во селото започнале претреси по куќите каде биле откриени складови со оружје и муниција, малтретирања и апсења во кои биле затворени 116 селани, а 123 биле измачувани. Дединската афера се проширила и на соседното село Ињево, а предизвикала цела низа провали и афери од тогашните власти врз македонското револуционерно и ослободително движење.
Но, овој крај нема да понуди само долга историја и кулутра, туку и убава природа и можности за прошетки и рекреација.
Во 1978 година на реката Крива Лакавица е изградена браната и вештачкото езеро Мантово, едно од најголемите во источна Македонија.
Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални грамадни карпи во близина на ридовите Габровска Чука и Трескавец овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување.
За туристичката понуда на езерото Мантово, покрај одличниот пристап со извонреден асфалтен пат погоден за возење велосипеди, придонесуваат и големиот број на новоизградени викендички во урбанизираната туристичка населба веднаш крај браната над брегот во атарите на Долна Враштица и Долни Радеш, а тука се и бројните летниковци и новоизградените т.н. „влашки колиби“ кои се изградени во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи.