Ниту една од десетте општини од Југоисточниот регион не е високо транспарентна во информирање на јавноста околу јавните набавки. Четири општини добија оценки што ги рангираат на солидно ниво на транспарентност, четири општини се со ограничено ниво на транспарентност, додека пак две општини се минимално транспарентни.
Ова го покажуваат податоците од истражувањето на Здружението Еко Правда, спроведено врз основа на 31 критериум во рамки на проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки”, што го спроведуваат „Центарот за граѓански комуникации“ и „Фондација Фокус“.
Од општините од Југоистокот најмногу бодови, односно 39 доби Општина Дојран, што е 63% од максималните можни поени. Со тоа Општина Дојран е на врвот на ранг листата според транспарентноста на локалните власти во Југоисточниот регион.
Второто, третото и четвртото место ги поделија три општини, односно Општина Богданци, Општина Радовиш и Општина Гевгелија добија по 38 поени, што е 61% од максималните бодови.
Следуваат општините со ограничено ниво на транспарентност. Општина Василево доби 36 поени, што е 58% од вкупниот број на поени, следи Општина Валандово со 35 поени односно 56%, Општина Конче има 35 поени, односно 56% и Општина Босилово со 32 поени и 52% од вкупниот број на поени. Последните две места припаѓаат на Општина Струмица и Општина Ново Село. Вкупно 30 поени доби Општина Струмица, што е 48% од вкупниот број на поени, додека пак Општина Ново Село е најслаборангираната општина со 26 поени, односно 42% од вкупниот број на поени.
Во однос на нашите барања за пристап до информации од јавен карактер, шест општини одговорија во предвидениот законски рок од 30 дена по доставувањето, а останатите четири го пробија рокот, но сепак доставија одговори.
Десетте општини од Југоистокот во 2018 година заедно потошиле 10.7 милиони евра пеку спроведени 348 тендери и склучени 426 договори за јавни набавки.
Покрај анализата врз основа на барања за пристап до информации од јавен карактер, истражувањето ги опфати и веб страниците на општините, како и анализа на податоците за спроведените јавни набавки објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки.
Анализирано по одделни критериуми, само една општина на својата веб страна го објавувила годишниот план за јавни набавки за 2018 година, дури седум општини имаат ниска реализација на истиот и ниту една општина нема воспоставено систем за следење на реализацијата на планот за јавни набавки. Генерално, на сите општини им недостасуваат податоци на нивните веб страници околу објавување огласи за јавни набавки и објавување на известувањата за склучени договори за јавни набавки.
Кај две општини се забележани тендерски документации кои со дискриминаторски елементи можат да ја ограничат конкуренцијата.
Ова истражување е изготвено со помош на грант доделен преку проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус.
Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Здружението Еко Правда Валандово, на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Извор: Валандово.мк