Во земјава засега не е детектирано присуство на африканска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација свињи, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако Грција вчера и официјално го потврди првиот случај на болеста во селото Никоклеиа во регионот на Серес.
-Поради постоење реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки, апелира АХВ.
По првичниот сомнеж на трети февруари, ветеринарните власти на Грција вчера официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од африканска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес. За појавата на болеста, од страна на ветеринарните власти се известени Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE). Присуството на африканската чума е нотирано и во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија (ADNS).
Освен во Грција, болеста е присутна и во Србија и Бугарија, каде според официјалните податоци кои ги добива АХВ, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста ја има и во Полска, Литванија, Романија и други земји.
Според АХВ, во соработка со Царинската управа на Република Северна Македонија, се спроведуваат засилени контроли на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците.