ОФИЦИЈАЛНО ОДЛОЖЕНИ ИЗБОРИТЕ – датум после завршување на вонредната состојба

Заклучок за прекинување на сите изборни дејствија за спроведување на Предвремените избори за пратеници во Собранието, закажани за 12 април 2020, вчера донесе  Државната изборна комисија (ДИК), преку кој заклучок се запираат  дејствијата за предвремените парламентарни избори што требаше да се одржат на 12 април постапувајќи по Уредбата со законска сила што ден претходно ја донесе Владата.

Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19, и заради тоа што Собранието не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.

„Се запираат сите понатамошни дејствија и активности на Општинските изборни комисии. Сите изборни дејствија кои се преземени до 22 март 2020 се сметаат за важечки. Сите преостанати дејствија што произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба со донесувањето на нова уредба на Владата за продолжување на изборниот процес“, истакна Претседателот на ДИК Оливер Деркоски предлагајќи го заклучокот.

ДИК е задолжена да ја чува и обезбедува изборната документација до спроведување на изборните дејствија и изборите и веднаш по изменетата ситуација, односно по носењето на новата уредба на Владата за продолжување на изборните дејствија ќе мора да донесе ревидиран роковник за изборите. ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба, според Уредбата на Владата, на својата веб страница треба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

 




 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза