Светската пандемија на КОВИД-19 ги погоди голем дел од бизнисите ширум светот, но едни од најпогодените се оние за игри на среќа. Обложувалниците и казината во нашата земја се можеби едни и од најголемите генератори на парични средства во државниот буџет, а со самото тоа, државата претрпува големи загуби во истиот период.
Според истражувањата, во државната каса на годишно ниво се слеваат над 60 милиони евра, средства кои се од исклучително значење за нормалното функционирање на државата.
Овие фирми покрај тоа што имаат огромен придонес во државните финансии, вработуваат над 8.500 луѓе кои од својата плата ги одржуваат своите семејства, што влијае на бројка од луѓе која речиси би била и четирикратно поголема.
Само за плати, приредувачите на игри на среќа на годишно ниво издвојуваат над 30 милиони евра, а државата притоа инкасира дополнителни над 10 милиони евра.
Кога се би се сумирало, загубата со која државата се соочува во моментот од затворањето на обложувалниците и казината изнесува вртоглави над 250 милиони евра.
Доколку приходите кон државата се тргнат на страна, со губиток на финансиски средства се соочуваат и многу други бизниси кои соработуваат со приредувачите на игри на среќа.
Од таму, фирмите за брендирање, за набавка на потрошен материјал (хартија за печатење, средства за хигиена, печатени материјали), трпат сериозни штети во периодот кога не можат да функционираат.
Ако се земат предвид и отварањата на новите уплатни места, за кои обложувалниците издвојуваат по најмалку 50 илјади евра, за нивното одржување над 10 илјади евра, тоа се дополнителни средства кои се слеваат во компаниите за компјутерска опрема, мебел, автомобилската индустрија и слично.
Сега, во период кога приредувачите на игри на среќа не можат да функционираат во нормални услови, граѓаните се насочуваат кон „онлајн“ обложувањето. Иако во државата онлајн обложувањето кон странски обложувалници е забрането со закон, многумина од обложувачите во овој период можноста за забава ја бараат токму на странските интернет портали за обложување.
Покрај тоа што има негативно влијание кон самата држава, која наместо да ги „собере“ тие финансиски средства во својот буџет, остава да се одливаат во странство. Тука во негатива се и обложувачите, кои обложувајќи се онлајн плаќаат и одредна стапка на провизија, која во локалните обложувалници и казина не постои.
Според Законот за игрите на среќа, добивката во обложувалниците се остварува по приложување на важечка исправа за идентификација на добитникот, по што му се издава потврда за добивката, која треба да биде потпишана од обложувалницата и од добитникот. Обложувалниците преку ЕМБГ на добитникот, ја пријавуваат добивката во УЈП за да го платат персоналниот данок. Пријавувањето на добивката го прават преку својот информациски систем кој е поврзан со информацискиот систем на УЈП.
Тоа значи дека државниот буџет е „побогат“ за 15% од секоја остварена добивка на секој индивидуалец, плаќањето на данокот не може да биде во никој случај одминато, нешто што може да биде направено со обложувањето во странските обложувалници со непријавување на приходите во годишната даночна пријава.
Исто така, финансиските добивки кои граѓаните ги остваруваат преку игрите на среќа, секако се враќаат во нивниот џеб, а потоа истите значат и поголема потрошувачка. Сега, во период кога граѓаните не можат да ги посетуваат истите места, тоа значи и помал обрт на финансиски средства за нив, а со тоа и помала можност за потрошувачка.
Над 40% од играчите кои се обложуваат, од својот домашен буџет издвојуваат помалку од 1.000 денари месечно за оваа намена.
Спортското обложување како термин е „генерална активност на предвидување на спортски резултати со ставање на влог на некаков спортски настан“. Голем дел од граѓаните се познати како пасионирани спортски љубители, а обложувалниците се еден вид на забава, каде со еден пијалак и минимален влог, се следат секојдневните спортски натпревари.
Спортските обложувалници и казината се проширени на територијата на целата држава. Анализирајќи го тоа, процесот на обложување од економска перспектива има огромно позитивно влијание. Зголемување на работните места, пораст и развој на сегмент од бизнис секторот, инвестиции во инфраструктурата, како и зголемување на материјалните добра, се само дел од многубројните позитивни влијанија кои ги имаат обложувалниците врз секојдневниот живот.
М. Николовски