Експресниот пат Штип-Радовиш се работи со забрзано темпо, извршена е работа од 83 проценти, и доколку дозволат временските услови се очекува експресниот пат да биде завршен и пред предвидениот рок, истакна при вчерашниот увид на градежните работи на првата фаза од клучка Штип-југ до Бучим на експресниот пат, техничкиот премиер Спасовски.
Рок за завршување на делницата од клучка Штип-југ до Бучим, вредна 27,13 милиони евра, е април 2021 година. Втората фаза од изградбата на експресниот пат опфаќа реконструкција на две под делници, од Три Чешми до Штип-југ и од Бучим до Радовиш во должина од 16,87 километри и во тек се подготвителните работи на трасата.
Овој експресен пат има големо влијание врз развојот на економијата и ќе придонесе за рамномерен регионален развој. Ќе се овозможи побрз транспорт на стоки, услуги, добра и луѓе. Она што е важно, експресниот пат Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци-Штип и благодарение на тоа граѓаните од југоисточниот дел на нашата земја за многу пократко време ќе патуваат и ќе пристигнуваат во главниот град Скопје да ги реализираат своите зацртани планови, потреби и цели.
Решението со патот Штип-Радовиш, и со мрежата од експресни патишта меѓу градовите од овие региони, граѓаните побргу ќе можат да пристигнат во соседниот град да ги видат своите пријатели, роднини или да завршат некоја работа. За студентите тоа ќе значи побрза фреквенција на месечно и годишно ниво од нивниот факултет до нивното место на живеење итн.