Home / Вести, Избори 2020 / ЗАПОЧНУВА КАМПАЊАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ -Заврши осумдневната вонредна состојба
ЗАПОЧНУВА КАМПАЊАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ -Заврши осумдневната вонредна состојба
Среда ќе биде прв ден од кампањата, но партиите веќе имаат средби и посети со граѓаните.
Парламентарните избори ќе се одржат на 15 јули, пред официјалната кампања која започнува во среда партиите ги направија првите посети и контакти.Денес завршува и осумдневната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Пендаровски со цел да се спроведат неопходните подготовки за организација избори.
Парламентарните избори првично требаше да се одржат на 12 април, но поради кризата со коронавирусот и прогласувањето на првата вонредна состојба во март, со владина уредба изборните дејствија беа прекинати. По повеќенеделни неуспешни разговори, консултации и неколку лидерски средби кај претседателот, власта и опозицијата на средината на месецов конечно постигнаа договор за избори на 15 јули. На овие избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати.
Партиите ветија фер и демократски избори за што потпишаа и кодекс. Најавија дека ќе се фокусираат на кампања која ќе биде безбедна по здравјето на граѓаните, без големи настани и митинзи, со зголемено користење на социјалните мрежи, традиционалните медиуми, билборди, и друг тип на онлајн претставувања. Своите програми партиите ќе можат да ги преставуваат до 12 јули во 24 часот кога, според ревидираниот роковник на ДИК, завршува изборната кампања.
Гласањето на предвремените парламентарни избори ќе се одвива три дена, а на изборниот ден ќе биде продолжено за два часа и ќе трае од 19 до 21 часот. На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на COVID-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови за користење