Коалицијата „Можеме“ 46 пратеници, коалицијата „Обнова“ 44 пратеници, ДУИ 15 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12 пратеници, Левица 1, ДПА еден, според неофицијалната симулација на Државната изборна комисија.
Врз база на обработени податоци од 93,96 отсто од избирачките места, како што соопшти Државната изборна комисија (ДИК), коалицијата, предводена од СДСМ, освоила 36,12 отсто од гласовите, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 34,85, ДУИ 11,57, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 8,79, Левица 3,96 и ДПА 1,48 проценти.
Врз основа на првичните проекции, овие коалиции и партии ќе освојат мандати во новиот собраниски состав.
Коалицијата „Можеме“ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден, покажува симулацијата на Државната изборна комисија врз основа на првичните неофицијални резултати од вчерашните предвремени парламентарни избори од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места. Останатите девет партии и коалиции учесници на изборите не освоиле пратенички мандат.
Резултати од изборите уште се само повремено видливи на веб сајтот на Државната изборна комисија, кој синоќа падна поради, како што кажа првиот човек на комисијата Оливер Дерковски, надворешни хакерски напади. ДИК најави дека денеска по прибирањето и обработката на сите пристигнати материјали ќе ги соопшти првичните резултати од изборите и распределбата на пратеничките мандати.
Во четвртата изборна едница каде што е и Радовиш, Коалицијата „Можеме“ има освоено 77.188 гласови, додека коалицијата „Обнова“ 74.444 гласови, исто така според неофицијални информација Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во Радовиш има остварено предност со околу 715 гласа, сепак се овие неофицијални информации до конечните официјални кои треба да ги соопшти ДИК.
Десеттите парламентарни избори, кои првпат во актуелните услови на пандемија на коронавирусот беа три дена, правото на глас го искористија околу 923 илјади граѓани или приближно 51 отсто од запишаните гласачи во Избирачкиот список.