Снимка за време на одржувањето на „Карамановите поетски средби“
Непозната снимка од Радовиш која е направена во 1968 година од страна на Љубомир Донски од Штип, и е приватна колекција -дигитализирана од страна на Александар Донски.
„Татко ми Љубомир Донски се гордееше што неколку години (во 1950-те) бил наставник во СОУ „Коста Сусинов“. Инаку тој беше роден 1926, а почина 2006. Душко Димитровски кој е на снимката беше долгогодишен уредник по народна музика во Радио Скопје и долгогодишен директор на „Танец“. Тој беше сопруг на легендарната Вања Лазарова (татко ми Љубомир им беше кум).
Спиро Прилепчански беше познат новинар во „Нова Македонија“ и основоположник на енигматиката во Македонија. Љупчо Стојменски беше познат поет и уредник за култура во Радио Скопје. Негова ќерка е сегашната претседателка на Друштвото на писатели на Македонија Соња Стојменска Елзесер. Коце Митрев тогаш бил дописник на ТВ Скопје и затоа е снимен настанот, инаку тој е татко на Жан Митрев и Саша Митрев (првиот ректор на УГД). Сите се штипјани и сите (освен Коце) беа другари со татко ми (кој беше познат сликар, а воедно и писател).
Татко ми ја има купено камерата истата таа 1968 година, па поради сопствени емотивни причини го снимал и Радовиш. Се надевам дека ќе препознаете некои од улиците, па можеби и од луѓето (децата кои сега се возрасни). Снимката во оригинал е на 8 мм филм за камера, во 1992 го преснимивме на ВХС (преку негово проектирање на ѕидот со проектор и снимање со ВХС камера), а неодамна и го дигитализирав (заедно со други домашни снимки од тоа време). Тоа време татко ми ги испраќаше филмовите во Загреб на развивање, а потоа ги гледавме на проектор дома (со котури) – објасни Александар Донски за порталот RadovisNews.
Му благодариме на Алексадар за автентичната снимка од Радовиш која се надеваме дека ќе врати спомени кај голем број на наши сограѓани.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови за користење