Затворени основните и средните училишта во цела Грција до 29 март, онлајн настава ќе следат и учениците во деловите од земјата каде што се одржуваше редовна настава со физичко присуство, а паралелно карантинот и рестрикциите во Грција се продолжуваат за уште една седмица, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас попладнево ги соопшти одлуките, по препораките од надлежната комисија на епидемиолози.
Грција и понатаму е поделена во две зони темноцрвена („многу зголемена опасност“) и црвена („зголемена опасност“) согласно епидемиолошката слика во секој од регионите.
Во темноцрвената зона се областа Атика, поширокиот дел Атина, Солун и уште 26 други региони, од кои осум беа денеска соопштени и во сила се построги рестрикции, односно целосен карантин со полицискиот час од 19 часот до 5 часот наутро, со исклучок на Солун и Атина, каде што од понеделник до петок е од 21, а само за викендите од 19 часот.
Во црвената зона полицискиот час е од 21 часот, додека пак досега учениците од основните и дел од средните училишта следеа настава со физичко присуство, нешто што од вторник нема повеќе да важи.
Актуелните рестрикции во сила ќе бидат до 22 март 2021 година.
Хардаљас рече дека надлежната комисија дала позитивна препорака за отворање на малопродажбата, но кога тоа ќе го дозволи епидемиолошката слика.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е веќе 20 еден месец.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови