Вакцинацијата засега се одвива успешно, денеска почнува вакцинирање и на граѓани под 75 години, пријавени преку сајтот vakcinacija.mk, или преку матичните лекари.
Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје вчера заврши вакцинирањето на вработените во критичната инфраструктура, а вакцинирани се повеќе од 26.000 граѓани.
Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, од денеска ќе може да се вакцинираат граѓаните на возраст под 75 години, кои се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари, и тие ќе добијат термини за вакцинирање во Скопје.
Тоа значи дека сите граѓани на возраст од 74 и 73 години кои се пријавиле е бидат вакцинирани.
„Фреквенцијата на спроведување на вакцинирање е нешто зголемена во изминатите денови и од 700 до 800 вакцинирани дневно, сега има 1.000 до 1.500 вакцинирани и согласно пријавените термини тоа се спроведува во сите градови“, истакна вчера Филипче.
Како доаѓаат вакцините, така ќе се надополнуваат системите, посочи Филипче. Како што информира, од компанијата Фајзер преку директен договор на 19 и 26 април треба да стигнат по 10.000 дози.
Исто така, се очекува и информација од Руската амбасада за дополнителни количини на вакцината Спутник, а до крајот на месецов би требало да пристигнат 76.000 дози на Астрааенека.
Министерот најави дека се очекува од Кина да стигнат 200.000 вакцини, кои ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација, што веќе се спроведува ширум државата.
Фото Архива
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови