ЃУРЃОВДЕН, ПРАЗНИК НА ГОЛЕМИОТ СВЕТИ ГЕОРГИЈ ПОБЕДОНОСЕЦ -Празник на обновувањето на природата и на животот

Денес се празнува Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто.

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот или на 23 април според стариот календар.

Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др. Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Овој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди да го врзат на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи.

Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но, при сите овие маки, Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога свети Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле, царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, свети Георгиј без тешкотии остави сè заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.

Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната пена се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период. Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц.

Главни обичаи за време на Ѓурѓовден се: – Плетење на венец од растенија – Миење со водата во која се потопуваат растенија – Бањање во река. Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, некој од домашните ќе скине зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитува вратите и прозорите на куќите и останатите простории, како што се влезните порти и капии. Ова се прави (според христијанското верување) поради тоа да годината и домот бидат “бериќетни“ – “да има здравје, плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите“. Исто така се плетат венчиња од “ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата.

Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден.

Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи. Наутро сите се мијат со водата: (според христијанското верување) децата – “за да бидат здрави како дрен“, девојките – “момчињата да се грабат за нив“, старите – “да бидат здрави“, домаќинот – “куќата да му биде добро чувана“ итн. Секој според своите потреби и желби. Од голема важност е и бањањето во река, пред изгревот на сонцето (понекогаш во реката се фрлаат и венци од цвеќе или се истура млеко).

 

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

 


 

 


 

 

 

 

 

 

Related Articles

Временска прогноза