ИНТЕРВЈУ СО ПОЕТОТ И ЕСЕИСТ БОРЧЕ ПАНОВ – добитник на наградата за најдобар странски автор – Premio “Le Occasioni” во Италија во конкуренција од 662 учесници

Дали кога времето би го распнале на крстот на нашите голготи, ќе има кој да го воскресне…

“Треба да создадеме станица во времето со нов континиум за да се спасиме од несреќите кои можат да случат, бидејќи некаде веќе се случиле, или се случуваат. Во таа соба на севремето постои и надежта дека ќе го преживееме стравот дека некаде сме го испуштиле возот на нашиот ден, или авионот на нашиотот сон…“, вели во интервјуто за весникот Вечер и за нашиот портал RadovisNews, Панов, чија најнова поетска книга „Соба на моите временски зони“, наскоро треба да излезе од печат. Неговата поезија пак, која не познава граници, ја читаат и промовираат во Хрватска, Индија, на еден од најголемиите саеми за книга во Абу Даби…

Борче Панов деновиве доби престижно признание во Италија, поточно тој е добитник на наградата за најдобар странски автор – Premio “Le Occasioni” во Италија во конкуренција од 662 учесници од Италија и од преку 40 земји од светот за својата песна “Сенките на ноќта“ на тема за ковидот.

 

Единаесет Ваши поетски книги се издадени и се читаат во соседните држави, но и пошироко во светот. Што Ве инспирира како поет да творите?

Како дете, живеев во голема  куќа со голем чардак купена од турски бег од страна на мојот прадедо Тодор. Таа куќа беше како големо гнездо со цела една фамилија и со  многу деца. Бевме една мала детска бригада. Често одевме да ловиме врапчиња низ полето, а мојата задача беше да ги носам убиените птици, врзани за канап, бидејќи бев најмалечок и сè уште нејак за да го оптегнам чаталот. Еднаш, ми подадоа славеј. Беше погоден со слива. Телото сè уште му беше топло.

Го држев в раце и го оживеав со плунка во клунчето. Се разбуди. Во истовреме бев и среќен и шокиран. Сакав да го пуштам, но од силна возбуда го држев цврсто за ноџињата восхитен од тоа колку беше убав, кафеав и жив. Птицата жестоко ме штипаше со клунчето и сакаше да одлета. Во еден миг славејот одлета. Јас… сè уште во силна возбода не ни приметив дека во раката ми останале неговите тенки ноџиња. Ги откинал за пак да биде слободен… Овој настан засекогаш остана во мене, како зрно песок во школка, а школката за да не ја глочка и за да ја намали болката, почнува да го обвива зрното песок со бисер. И ете така – цел живот  оваа приказна ме глочкаше одвнатре, а јас ја завиткав во бисерот на годините, сè додека не се претвори во поезија, која и ден денес ја пишувам како продолжение на песната од славејот и на неговата слобода. И после мене, некој друг ќе го продолжи истото. Песната никогаш не може да запре. Таа може да слета само во гранките на гласните жици во оној што ја говори, или тивко во себа ја чита. Таа мора постојано да лета понатаму. Ова е, всушност, задача на поетите во универзумот.

 

Вашите поетски книги и во време на пандемија најдоа начин да стасаат до читателите. Што ново читателите добија можност да прочитаат од Вашата поетска ризница, со Ваш потпис и во македонско издание?

По последна објавената „Глочка школка„ наскоро, од печат ќе излезе мојата најнова пеотска книга со наслов „Соба на моите временски зони„. Таа е еден вид поетски перформанс преку кој со мотивите и идеитe сaкав, како што има речено Мајка Тереза, да му дадеме време на времето. Тоа значи дека треба да создадеме станица на времето во времето во која ќе создадеме нов континиум за да се спасиме од несреќите кои можат да случат, бидејќи некаде веќе се случиле, или се случуваат. Во таа соба на севремето постои и надежта дека ќе го преживееме стравот, дека некаде сме го испуштиле возот на нашиот ден, или авионот на нашиот сон и дека нема да се случи некоја катаклизма која веќе некаде се случила, дека нема да не регрутираат во некоја бесмислена војна, или да умре некој што го сакаме…

Во тој џеб на времето собата на нашите временски зони ступка и ја набива молитвата во темелот на уверувањето дека сè може да биде како што треба, дека ќе дишеме чист воздух, дека нема некој политичар да ни ги урне соништата, дека нема да примиме вакцина која ќе не парализира, дека ќе ги издржиме и победиме сите кошмари на улицата која со набабрена вена напукана со хероин и со белките на очите убива средношколци со леснотија како среде комјутерска игра, или цртан филм. И дека ќе можеме да бегаме од една во друга временска зона каде што сè уште не се случило злото што се случило и дека во темелите на тоа меѓувреме може да го набиеме сето добро време на утрешниот свет и дека само така ќе се промени еден временски континиум којшто не води кон апокалипса. На овој начин симболично сакав да покажам дека во нас истовремено се случува сето време, дека минатото може да не поучи, но дека иднината може да ја насочиме во еден похуман правец. Во книгата се поставува едно круцијално прашање: Дали кога времето би го распнале на крстот на нашите голготи, ќе има кој да го воскресне и да биде простор на една цивилизација. Бидејќи ако времето е душа тогаш просторот е телото, или храмот на нашето постоење…

Неодамна вашата поезија излезе од печат и на хрватски јазик.  Дали според Вас македонските поети се доволно застапени со својата поезија на овие балкански простори?

За моја радост во земјите на екс ју просторот сум застапен со три важни книги: најпрвин во 2017 година во издание на МАУС Марибор во Словенија излезе мојата поетска книга “Вдах“ која од македонски на словенечки јазик ја препеа Соња Цекова Стојаноска, потоа во 2018 како дел од проектот Репрезентативни преводи од значајни македонски писатели поддржан од Министерстиово за култура на Македонија, во превод на познатиот српски и светски поет Душко Новаковиќ, а во издание на Друштвото на писателите на Србија, излезе избор од мојата поезија под наслов „Бријање балона„. Во март 2021 за оваа моја книга добив значајно признание од светски ранг односно ја добив светската награда за поезија Premio Mondiale “Tulliola- Renato Filippelli” која ќе ми биде доделена на 27-то издание на истоимениот фестивал во Италија заедно со уште неколкумина наградени истакнати поети од Саудиска Арабија, Полска, Турција, САД, Обединетите Арапски Емирати, Сирија и др. За моја голема радост само пред десетина дена во Хрватска, во Риека, во издание на Хрватското книжевно друштво излезе и книгата со избор од мојата поезија на хрватски јазик „Krv koja zonglira s osam tisucа pjesnickih misli”. Преводот е на Исидора Бобиќ, а уредувањето и адапацијата на писателот Валерио Орлиќ, кој воедено е и претседател на Хрватското книжевно друштво.

Покрај на бившите ЈУ простори, во поблиското опкружување обајвени се две мои книги и на бугарски јазик: Избор од мојата поезија во превод на Латинка Златна (Частици хематит)  и преводот на мојата книга Глочка школка под наслов „Фотостихеза„ од Наталија Димитрова. Според мое мислење во бившите ЈУ простори има доволно наши преводи, и тоа е добра основа и за понатамошна културна и духовна соработка и зближување. Малку помалку сме застапени на бугарската книжевна сцена и тука мислам дека треба уште да се работи за да постигне една добра основа.

Дел од вашата поезија е преведувана и на англиски, кинески, виетнамски, бенгалски,  монголски…  јазик. Деновиве од печат излезе и книгата со избор на Вашата поезија на арапски под наслов „Подземно јаболко„. Кажете ни за што се работи и како дојде до соработката?  Поезијта е чудесна река, таа ги отвора најубавите патишта на пријателствата. Човекот кој практично ја донесе на свет оваа книга е познатиот арапски поет Раед Алјиши. Издавач е една од најреномираните издавачки куќи во арапскиот свет Rawashen Publishing House од Обединетите арапски емирати. Инаку оваа моја книга е дел од едно двокнижие во кое покрај мојата книга „Подземно јаболко„ во превод е објавена и поетската книга „Електронска крв„ од познатата македонска поетеса Даниела Андоновска Трајковска. Практично, покрај нашите поети Бранко Цветковски и Трајан Петровски, еве сега македонската книжевност влегува во светот на арапската култура и со ова двокнижие, кое во моментов се преставува на еден од најголемите книжевни саеми во светот во Абу Даби.  

 

Во печат е и Вашата поетска книга која треба да биде издадена во Индија. Какви се можностите и на овој пазар да се промовира македонско дело?

Индија е голем книжевна кошница составена од 28 федерални држави. Интересно е дека нашите пријатели и колеги писатели се многу заинтересирани за книжевна соработка и промоција на културите. Јас имам многу книжевни објави во индиски книжевни ревии и списанија. Оваа книга е своевиден книжевен проект на познатиот индиски поет и професор по англиски јазик и книжевност Санкар Саркар од Калкута, а книгата се вика „Гласови од глуварчето„ во која со уште двајца поети е застапен и избор од мојата поезија. А кога станува збор за соработката со светот и афирмацијата на творештвото би сакал да напоменам дека пред еден месец ја добив светската книжевна награда „Сахито„ за 2021. Честа е голема, бидејќи ја добив како првонаграден поет со најголем број бодови од повеќе интернационални судии – познати поети, критичари и преведувачи, во силна конкуренција од светски познати поети помеѓу кои се: Kupriyanov Viacheslav (Russia), Faleeha Hassan (Iraq-USA), Lidia Chiarelli, Mai Văn Phấn (Vietnam), Pankhuri Sinha (India), Uday Shankar Durjay (Bangladesh), Wang Guilin (China). Најновата моја награда на светски конкурс, ја добив за песната „Сенките на ноќта„ на тема за ковидот. Се работи за престижната награда за најдобар странски автор чијшто прв добитник бил и еден Еугенио Монтале – Premio “Le Occasioni” во Италија во конкуренција од 662 учесници од Италија и од преку 40 земји од светот.  Ме радува што на овој начин давам скромен допиринос и кон афирмацијата на македонската култура и книжевност во светот.

На што следно работите кога поезијата е во прашање, или можеби подготвувате нов драмски текст кој би бил осми во Вашата творечка биографија?

Сакам да најавам дека во фаза на преговори со одредени издавачи во Англија е објавувањето на книга со еден поголем избор од мојата поезија на англиски јазик, а во поглед на драмското творештво би напомнал дека пред извесно објавив книга со две мои драми „Хомо сапуненес„ и „Поделен од сопствениот нос„, а работам и на еден нов дрмски текст под наслов „Телесен театар„.

 

 

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

 

 

 


 

 

 

 

 

 

Related Articles

Временска прогноза