ЗАПОЧНУВА ВАКЦИНАЦИЈА БЕЗ ЗАКАЖАН ТЕРМИН

Состојбата со Ковид-19 во земјава и натаму се стабилизира. Во 19 градови во државата повеќе нема позитивни на коронавирусот. Ако пред еден месец бројот на активни беше околу 1000 случаи, вчера тој беше 130, од кои во Скопје има уште 54, во Тетово 15, Кичево 14, Куманово 10.

Министерството за здравство вчера соопшти дека од 12 јули ќе може да се вакцинира секој без оглед дали е пријавен или не преку веб-страницата vakcinacija.mk.

– Секој кој сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk, информираат од Министерството.

Оттаму соопштуваат дека почнувајќи од 12 јули вакцинацијата против Ковид-19 ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација.


Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.716, бројот на оздравени пациенти е 150.100, на починати е 5.486.

Комисијата за заразни болести вчера оцени дека нема потреба за воведување на нови ограничувања, но и некакви рестриктивни мерки во однос на штитење на границите од ширење на делата сојот при влез на странски државјани во нашата државата.

Од Министерството посочуваат дека ја следат епидемиолошката состојба во земјава и регионот.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека ситуацијата е многу мирна, нема ниту еден знак дека е можно да има влошување на епидемиолошката слика и повеќе денови по ред нема притисок по болниците.

– Нема пријавување, нема наплив на пациенти ниту во амбулантите, што ни укажува и потврдува дека ситуацијата е прилично мирна. Ја следиме ситуацијата и во околните земји. Насекаде во регионот е мирно. И во Србија и во Албанија. Ги следиме и земјите каде нашите граѓани заминуваат за летните одмори. Има лесно зголемување на бројката на позитивни случаи во Грција, но сметам дека тоа не е алармантно, изјави Филипче, според кого, ако продолжи вака ситуацијата, летови не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки.

Министерството за здравство во моментов е концентрирано на вакцинацијата. Планот е до крајот на неделава да бидат вакцинирани половина милион граѓани, соопшти минатата недела Филипче.

Од Берлин вчера пристигна информацијата дека Германија ќе им даде три милиони дози вакцини против Ковид-19 на земјите од Западен Балкан.

 

*фото Архива


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

 

 

 


 

 

 

 

 

 

Related Articles

Временска прогноза