КОМПАНИИ ЗА КОИ МАЛКУ ЗНАЕМЕ, А ИМААТ ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ – АЛФА ИНЖЕНЕРИНГ

Примери за успешни македонски компании има многу и токму врз овие компании се потпира македонското стопанство.

Лоцирани во внатрешноста на земјата, или во помалите градови, надвор од деловниот и административниот центар Скопје, овие компании најчесто се под радарот на јавноста и малку е познато за нивното учество и придонес во економската одржливост, пред сè на помалите градови и средини каде што се лоцирани.

Радовишката Алфа инженеринг е една од овие компании, постои нешто повеќе од дваесет години и врз напредна иновативност спроведува одржливи проекти насекаде во земјава и во неколку различни области.

Започнува како специјализирана компанија за високотехнолошки системи, со примена на нови технологии, машински инженеринг, автоматизација, системи за управување со водоснабдување. Алфа инженеринг била одговорна за целосното управување и спроведување на водата, од извор до краен потрошувач, проектирање и поставување инсталации за разни потреби, индустриски, земјоделски и урбани.

Освен во овој сектор, годините понатаму Алфа инженеринг дејноста ја проширува на индустриски инженеринг, во градежниот сектор (станбен) а и во енергетика односно обновливи извори. И во овој дел иновативноста на Алфа инженеринг ги направи пионери во земјата во енергија од фотоволтаици, така што е првата компанија што инсталирала фотоволтаици. Исто така, еднакво иновативно и стандардизирано работи со мали хидроцентрали, од проектирање до изведба, трафостаници, далноводи.

Иако можностите за пристап до работа и проекти би биле многу поголеми ако компанијата била лоцирана во Скопје, за одлуката компанијата да остане и да работи во Радовиш, сопствениот Ацо Ристов вели „знаејќи дека ќе се соочиме со потешкотии, сепак желбата и волјата да се помогне на градот и на сограѓаните на начин што ќе се создаде и изгради нешто вредно, одржливо и што има потенцијал да расте, беше поголема од сите пречки.

Создавањето работни места и отворањето простор за стопански развој, вредеше за целиот труд што го вложивме во компанијата од првиот ден до денес, а со истото темпо ќе продолжиме и понатаму. Од некаде мора да се почне, ние почнавме од Радовиш и тука ќе продолжиме да работиме”, вели Ристов, дипломиран електро-инженер, експерт во областа на енергетиката и електро инженерството и сопственик на Алфа инженеринг.

Денес Алфа инженеринг поседува недвижен капитал во вредност од 5 милиони евра, според пријавена добивка пред оданочување е рангирана на 113-то место во 200-те најголеми и најуспешни компании во Македонија и на 34-то во брзо растечки компании. Многу поголема е вредноста на компанијата заради нејзиниот придонес врз кревката локална економија и социјалниот статус на граѓаните, со ангажирање стотици вработени, но и преку соработка како подизведувачи со многу помали локални компании.

И на еден и на друг начин, Алфа инженеринг е значаен фактор за Радовиш затоа што ја менува сликата на градот, создава можности за младите да останат во градот и со својата работа придонесува за подобро општество преку имплементација на одржливи и иновативни проекти.

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

About the author /


Related Articles

Временска прогноза