Ајде да ви раскажам: РЕЦЕПТОТ ОД ГРАДСКИОТ ТАТКО

Подготовката на ајвар слободно може да ја ставиме во категоријата општествено- друштвени активности, бидејќи во себе обединува многу активности.

Ништо од твојот домаќинлак ако не умееш ајвар да направиш или пак не дај боже да направиш, а да не ти се погоди.Затоа подготовката на ајвар треба да биде добро осмислена активност за која претходно треба да се исполнат низа предуслови. Да се одберат правилно пиперките- ни многу едри, ни многу ситни за да немаш мака при лупењето.

Од изборот на пиперките почнува се’, исто како во кампањата на политичките партии за избори, каде што се’ почнува од изборот на кандидатите. Друг предуслов за вкусен ајвар е и рецептот за ајвар. Денес за разлика од минатото домаќинките имаат на избор повеќе рецепти, нели демократија живееме! Како што ги одбираме политичарите кои ќе не’ водат наредните четири години, така го избираме и рецептот за ајвар кој ќе го јадеме во периодот кој ни следи.

Млада домаќинка сум и затоа преферирам ајварот да го правам по рецептот на мајка ми и нејзините сосетки кои задолжително се вклучени во подготовката на сите маалски ајвари. Едноставно на рецептот на мајка ми му верувам повеќе отколку на инстант рецептите на фб и инстаграм.

Време на избори е како што е време на правење ајвар.

На избори гласам по сопствено убедување, но ајвар правам според убедувањата на мајка ми – искусна домаќинка. Но времињава се чудни, правото на избор ги менува сите, па дури и искусните домаќинки како мајка ми ги предизвикува да пробат нови рецепти. Кулминацијата за избор на рецепт на ајвар се случи оваа година кога мајка ми и нејзините сосетки, решиле да го сменат рецептот. Секоја од нив нашла по еден рецепт на интернет, додека пак  тетка Добринка рецептот го нашла случајно, некој и’ го оставил пред врата. Како и да е, сите сосетки на мајка ми беа цврсто решени мојот ајвар оваа година да се прави по нов рецепт, но прашањето е по кој?

Состојките во сите рецепти се исти: пиперки, зејтин, модри патлиџани, сол… и многу мешање на тивок оган, но дозирањето во сите е различно. Еден викенд (ајварот ако сакаш да ти е убав се прави исклучиво за викенд, тоа е третиот предуслов за одличен ајвар), одам јас кај мајка ми откако пред тоа купив се’ што е потребно.Мајка ми и сосетките претходно уредно беа известени дека овој викенд на ред е мојот ајвар за правење.

 

Одам и има што да видам!

А богами и што да слушнам, секоја од сосетките зела по еден лист в раце и мавта кон другата в лице, се надвикуваат, убедуваат, никоја, со никоја не’ се дослушува – маалски митинг. Подзастанав малку,се збунив помислив за политика зборуваат, но, не тие се убедуваа кој рецепт да се избере.

Секоја сакаше ајварот да се прави по нејзиниот рецепт.

Реков добар ден, никоја не ми врати, си ги засукав ракавите и се фатив за работа, додека тие се убедуваа, ги измив пиперките, им го извадив семето, ги испеков, а сосетките и мајка ми уште дебатираа:

 -Не, не, твојот рецепт, тој е од некоја млада и неискусна, нели гледаш на 50 килограми пиперки, само пет патлиџана, ќе нема никаков вкус- вели тетка Ѓувеза за рецептот на тетка Ѓина.

Тетка Ѓина не и’ останува должна:

-е што, по твојот ли да правиме, во ајварот моркови, ново време, нова мода, демек во ЕУ таков сакале, знае ЕУ што е тоа македонски ајвар, дури и ново име сакат да му дадат, е не може!

Кај се видело моркови во ајвар, на што ќе личи тоа, ни ајвар ни лутеница, ни малиџано, баш како и ЕУ- мешаница.

Жени… подвикнува мајка ми, ајде да го направиме како оној од пред пет- шест години.Се сеќавате ли колку беше вкусен, вистина малку на крајот нагорчуваше, но тоа беше оти многу често го јадевме.

-Не, вели одлучно тетка Здравка ќе го правиме по овој, видете што имам, во  раката држи лист, ги вади очилата ги забришува од сукњата и чита гласно:

Pецепт од градскиот татко

Сосетките на мајка ми замолчуваат, јас во меѓувреме почнав да ги лупам пиперките, последните ги допекував.

Прва од шокот се созеде тетка Ѓина:

  • Е од кај ти е тебе тој рецепт?
  • Не ти верувам, од каде на тебе рецептот на градскиот татко?

-Ти подалеку од маалото не излегуваш?

  • Кога го виде ти градскиот татко?
  • Тој е невидлив, четири години, никој од нас го нема видено никаде.

Вистина Стојна на Мирко зборуваше дека често се „ шетал“ по фб, ама јас не знам што е тоа, никогаш не сум била таму. Можеби рецептот градскиот татко од таму го има земено,  Оти на фб имало нешто што се вика “ шер“ и можеш нешто што не е твое да го направиш да биде, сигурно гратскиот татко има направено “ шер“ од некој друг.

 Не може тој рецепт!

Тетка Здравка скромна жена се збуни, почна да зборува тивко

-Тој, тој лично ми го даде, ми го донесе дома и ми рече, ако го направам по неговиот рецепт нема да згрешам, многу вкусен ќе бил.

Никако, се вмеша во разговорот тетка Ѓувеза, никако не смееме да правиме ајвар по рецептот на градскиот татко.

– Пред четири години Фурса од долно маало, остана без ајвар поради тој рецепт, дај да го прочитам вели и брзо и’ го грабнува рецептот од рацете на тетка Здравка и почнува да чита полугласно зејтин…сол…пиперките не се печат, се вари не мора да се меша, да тој е рецептот што Фурса ми го кажуваше.

Не смееме жени, грев ќе направиме вели тетка Ѓувеза, јас во меѓувреме почнав да ги мелам пиперките заедно со помош на татко ми.Слушаме што раскажува тетка Ѓувеза:

Пред четири години Фурса лично од градскиот татко го добила рецептот, ја убедувал два дена да го прави ајварот по тој рецепт. Фурса на крај се согласила, прифатила, се’ по рецептот одела, но ајвар не добила, а изгубила цел викенд за него. Еве ја четири години, горко се кае што послушала,  но , нели човек учи додека е жив! Фурса цврсто одлучила ако треба нема да јаде ајвар, но никогаш повеќе по тој рецепт нема да прави.

Тетка Здравка која по малку си е инаетчика и многу сакаше нејзиниот рецепт да биде избран рече дека Фурса не е домаќинка, дека можеби некаде згрешила, па затоа ајварот не и’ успејал.

Кога го слушна ова тетка Ѓина која и’ беше братучетка на Фурса, се налути, го грабна рецептот на градскиот татко од рацете на тетка Здравка и го искина на ситни парчиња, го изгази со нозете и за да и’ излезе гневот кој четири години го чувала во себе ги фрли парченцата од листот во огнот кој полека се разгоруваше под пирустијата. Кога огнот доволно се засили го ставивме ајварот да се вари.

Сосетките на мајка ми се договорија која прва ќе „меша“, јас седнав на малото столче, отстрана ги гледав како ревносно се менуваат во “мешањето” и бев убедена дека до

“тава лижење“ рецептот на градскиот татко ќе биде заборавен!

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

Related Articles

Временска прогноза