Први октомври е прогласен за меѓународен ден на кафето, датум кој стана официјален минатата година. Нема ништо необично зошто кафето има свој ден, земајќи во обзир дека е најконсумираниот пијалок во светот, после водата. Вистинските љубители на кафе велат дека водата е најважна за живот, бидејќи без вода не можете да направите кафе. На овие простори кафе се пие секојдневно и во големи количини, па слободно може да се каже дека Македонците спаѓаат во оние најголемите љубители на кафе. Се смета дека ритуалот на пиење кафе потекнува од Етиопија, уште од 15-ти век.
Денес, Бразил има најголемо производство на кафе во светот и на овој светски ден, се истакнува важноста од фер и етичка трговија со кафе.
Кафето е најефективно доколку се пие помеѓу 9:30 и 11:30 часот наутро.
Милиони луѓе низ светот негуваат јавна љубовна афера со кафето. Неодоливата арома на топло кафе наутро ги буди нашите сетила и нè уверува дека станување од кревет не било залудно, додека секоја голтка нè исполнува со енергија и желба да го зграпчиме денот.
Независно дали сте вљубени во специфичниот вкус на еспресото, или сте заколнат приврзаник на капучиното, или пак, сте обожаватели на силното турско кафе, денес одбележете го Меѓународниот ден на кафето. Неофицијалниот празник треба да ве потсети да уживате во популарниот пијалак направен од кафеави зрна со силна арома и примамлив вкус.
Земјите кои го слават Меѓународниот ден на кафето најчесто на оваа дата го потсетуваат населението за долгата историја на пиење кафе и на важноста на чесната, етичка трговија со кафе.