Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалници во првиот круг на локалните избори, коалицијата на СДСМ 9, а ДУИ тројца градоначалници, покажуваат првичните резултати што вечерва ги соопшти претседателот на ДИК Александар Даштевски.
Во Радовиш и Конче ќе има втор круг за избор на градоначалник. Конечани ќе одлучуваат помеѓу актуелниот градоначалник Благој Илиев кој е од СДСМ и коалицијата, и Златко Ристов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Во Радовиш во водство со 4894 гласа е Ацо Ристов кандидат од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кој заедно со кандидатот на СДСМ и коалицијата Коле Чаракчиев кој освои 3280 гласа ќе бидат на гласачкото ливче за избор на градоначалник во вториот круг. Горан Поцев е трето пласиран со 2071 гласа, и актуелниот градоначалник Герасим Конзулов кој освои 1895 гласа.
Мнозинството во Советот на општина Радовиш го има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која освои 4690 гласа.
Првиот круг од локалните избори во општините Центар Жупа и Маврово Ростуше ќе се повтори, затоа што не излегле потребните 33 отсто од регистрираните избирачи.
Сега течат роковите за приговори, а конечните резултати за 80 општини и Град Скопје ќе бидат објавени по завршување на постапката за приговори.
ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и во Штип.
Кандидатите на СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и во Струмица.
ДУИ освоија градоначалници во Липково, Пласница, Сарај уште во првиот круг.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во вториот круг за две недели ќе се соочат во Град Скопје, како и во општините Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Капија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Центар и во Чешиново-Облешево.
Во Арачиново, Долнени и во Чашка ќе се соочат кандидатите на ДУИ и СДСМ.
Кандидатите на ДУИ и Алијанса за Албанците/Алтернатива одат во вториот круг во Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Струга, Теарце и во Чаир.
Во Брвеница и Македонски Брод во вториот круг одат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и еден независен кандидат, а во Дебарца, Чучер Сандево и Куманово СДСМ и независен.
Кандидатите на ДУИ и Беса ќе се соочат во Тетово и во Желино.
Во Кичево одат ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ, во Шуто Оризари СДСМ против кандидатот на ЛДП/ДОМ, во Старо Нагоричане СДСМ и ТМРО, во Студеничани ДУИ и ДПА, а во Карпош ќе се соочат кандидатите на СДСМ и на ГРОМ – соопшти претседателот на ДИК Александар Даштевски.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови