Ајде да ви раскажам:
Дојденец сум, но моето шеесет и кусурно живеење во градот под Плачковица ми дава за право да се сметам за тукашен , дојдов како млад рудар во времето кога Рудникот го живееше својот зенит.
Дојдов на година- две, останав цел живот. Формирав семејство кое го подигав со мојата плата и платата на мојата сопруга како работничка во една од тогашните фабрики.
Овде ги поминав деведесетите, транзициските години, бев сведок на приватизацијата на многу општествени фирми, гиганти. Јас и мојата генерација сведочевме како преку ноќ капиталот кој го сметавме за наш-на работниците се пресели во раците на неколку луѓе. Преку ноќ на сцената бизнис актерите станаа политички моќници.
Такви беа деведесетите, впрочем нема што да зборувам за нив, сите од мојата генерација, а и генерациите по мене добро ги знаеме тие времиња. Времиња кога општествениот капитал се распродаваше на„ ангро“, се сеќавате нели? Не се продаде само она што не им“ фати“ око, се’ друго отиде, јабана.
Многу фирми се продадоа , но да не копаме по старите бунари, ќе се изненадиме што се’ таму можеме да најдеме
Денес се нови времиња, нови луѓе на сцената, но некои “стари и добри“ играчи не можат да се помират со фактот дека натпреварот е завршен кога судијата свири крај и упорно трчаат и трчаат и трчаат…..
Ај што трчат, нека трчат, но по пат многу сакаат сопки да поставуваат, од нивниот забревтан здив не можат да го слушнат свирчето на судијата кое вели….крај….
Не се виновни тие, така се научени од времето кога нештата беа малку повеќе матни и се ловеше полесно.
Пензионер сум, ви кажав имам шеесет и кусур години, освен за мојот двор сега имам време за расчистување и на туѓите дворови.
Деновиве се сретнав со мој поранешен колега од работа.
Леле ама острел човекот!! Добро беше расположен ми раскажа приказна:
Неговиот градски татко, многу се грижел за луѓето околу него, многу! И многу сакал да расчистува туѓи дворови, грижлив човек е – ми вели мојот колега, а јас помислувам ете човек од мојот ков- сигурно е пензионер.
Но, не бил, само ете пасија му било да се грижи за туѓите дворови.
Еднаш наурто кога одел на работа видел како неговата комшивка Перса пие кафе со Милка, наместо со Станка како што правела секој ден.
Градскиот татко веднаш го сопрел својот автомобил иако претходно не дал десен трепкач, жмикавец како што велиме ние, ја искарал Перса и продолжил на работа, оти имал и други туѓи дворови за расчистување, брзал на работа.
А Перса ко Перса сите во градот ја знаат како послушна, веднаш станала и со филџанот кафе заминала кај Станка, оти нели градскиот татко најдобро знае со кој неговите граѓани треба да пијат кафе.
Друг пат без најава влегол на туѓ имот каде што луѓето решиле да градат и да направат некои измени во нивниот двор, оти нивен двор- нивно право.
Така барем Законот вели, но градскиот татко не љубел многу закони да чита, немал време, тој туѓи дворови имал за расчистување.
И како што ја скарал Перса ги скарал и овие луѓе, така како што еден татко може да скара: “Веднаш да престанете, преуредувањето е лошо, може од вас и некој друг да види!!
На што ќе личи ова, ќе можам ли јас сите дворови да ги средам“- налутено подвикнал градскиот татко, замавнал со прстот и заминал.
Но овие луѓе не биле како Перса- послушни, продолжиле да градат, затоа што знаеле дека како што тие не му се мешаат во дворот на градскиот татко, така и тој не може да им се меша во нивниот.
Не знам што изградиле “непослушните граѓани“ и дали на градскиот татко му поминала лутината, колегата не ми раскажа докрај, на мобилен му се јави сопругата да го потсети дека ручекот дома веќе му е поставен на маса и му се лади, па тој побрза да си оди.
Но, ми вети (како што сега во време на избори сите ветуваат) кога нареден пат ќе се видиме ќе ми раскаже, се поздравивме и тој замина дома да сркне неколку лажици од вкусната јаниија додека се’ уште е топла.
Јас уште малку останав на улица, прошетав по есенското сонце, размислував за градскиот татко, за туѓите имоти и се прашав дали градскиот татко се’ уште трча по туѓите имоти иако судијата веќе одамна има свирено:
КРАЈ!
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови