ЦАРОТ Е ГОЛ

Василкија и Зага  беа сосетки  откако знаат за себе. Во исто време дојдоа како снаи од други градови во малото гратче каде секој со секој се знае. Василкија за љубов кон нејзиниот Митко ги напушти студиите по филологија и големиот град, а Зага убавата Пелагониска рамнина и своите мечти и дојде невеста во куќата на нејзиниот Страшо. Станаа домаќинки, децата ги растеа во тесните улички на малото гратче под Плачковица, секојдневно го пиееја утринското кафе заедно, Василкија со шеќер, а Зага горко во мал филџан, за своите соништа како моми не зборуваа, ги заборавија или пак сакаа да мислат дека ги заборавиле, не зборуваа за тоа, но затоа знаеја што денес ќе готват, што има ново во градот и кој со кого ќе се жени и во која куќа свекрвата се скарала со невестата. Таков беше животот во малиот град, мирен, спокоен и ретко кога нешто ги вадеше од нивната рутина. Во пролетните денови тие своето утринско кафе го пиееја под црницата во дворот на Зага, црницата уште за време на Првата светска војна ја посадил свекорот на Зага и таа со гордост кажуваше дека тоа е првата црница во градот која се’ уште ги дава најубавите и најслатките плодови кои ги има само во нивното гратче и некаде на приморјето околу Улцин и Бар. Во лето пак тие се селеја во дворот на Василкија, таму сенка им правеше големата стара  маслинка, а погледот им се одмараше во алејата на цвеќињата кои Василкија од првиот момент на нејзиното доаѓање во куќата на Хаџиристовци ги садеше и со многу љубов ги негуваше. Секој што ќе поминеше покрај куќата на Василкија се воодушевуваше на нејзините хризантеми, џунџулиња и секако хортензиите- симболот на гратчето. Хортензии  има во секоја домаќинска куќа во градот- знаеше да каже свекрвата на Василкија додека беше жива, тоа Василкија добро го имаше запомнето и затоа со посебна грижа ги негуваше хортензиите и со гордост  ги покажуваше на сите, ретко кога некому даваше страк да ги пресади во неговиот двор, тие беа симбол на нејзиното прелевајње од градска мома во  вредна домаќинка во малата паланка.

Среќни беа и Василкија и Зага, среќни на некој  посебен и единствен начин.

Но едно лето се случи Василкија и Зага да не се видат. Зага беше заминала во друг град каде нејзината ќерка се беше омажила и таа мораше да го чува првороденото внуче кое го носеше името на нејзиниот Страшо- прочуен кројач во градот сега веќе во пензија, додека зетот и ќерката градеја кариера на успешни млади луѓе таму некаде во големиот град. Василкија остана сама бидејќи низ годините кои поминаа таа не склопи некое посебно пријателство со другите сосетки, се навикна  кафето наутро под маслинката да го пие сама, често се загледуваше во алејата со цвеќињата, не знаеш што, но чувствуваше дека нешто треба да се измени, затоа едно утро уште пред да го испие своето кафе зеде и ги искорна хортензиите од корен, дршките ги фрли пред портата, чекаше да помине тракторот на Прогрес и да ги однесе на буниште. Викна мајстори и на местото на хортензиите направи убава поплочена патека. Широка, долга по која еден ден нејзините внуци ќе трчат.

 Сите што поминуваа по улицата со чудо гледаа во дворот на Василкија, се чудеја зошто Василкија го направила тоа, некои беа толку слободни што се дрзнаа да и’ речат дека засекогаш го уништила својот двор. Како што обично бива во малите градови слуховите брзо се пренесоа од човек на човек и Василкија беше жестоко критикувана и напаѓана, се случуваше дури кога одеше на пазар  на малата тезга од која со години пазареше да ја начека некоја домаќинка на која сигурно ручекот претходно и’ имаше загорено да ја нападне, да ја критикува и да и рече: – Која си ти, што се дрзна да си го  преуредуваш сопствениот двор без претходно да побараш дозвола?

Василкија беше зачудена, не знаеше од кого треба да побара дозвола, затоа што со години таа сама се грижеше за цвеќињата, сама ја плаќаше сметката за вода која во лето секогаш беше поголема од обично и никој, никогаш не ја праша што прави таа во зима и колку пати мораше хортензиите  да ги завиткаува  во старите чорапи на нејзиниот Митко, само и само да можат хортензиите да преживејат. Гневот тоа лето растеше како меур од сапуница, Василкија не можеше да ја подаде главата од портата на надвор, а некоја бесна домаќинка или изморен граѓанин да не ја нападне. На Василкија и’ се чинеше дека секој што има некаков проблем си наоѓаше одишка со тоа што ќе коментира за нејзината нова и широка патека во нејзиниот сопствен двор! Работата отиде до таму што и градскиот татко се вмеша во ситуацијата, во желба да се додворува на своите граѓани од кои планираше да побара втор мандат( затоа што сега нели беше времето на демократски избори)! Еден ден ненајавено ја посети Василкија во дворот додека таа го пиеше своето утринско кафе и со љубов гледаше во нејзината нова патека.

Градскиот татко влезе без да тропне на портата, дрзок и семоќен какви што обично се луѓето кои својот страв и незнаење го кријат  во моќта која им ја дава положбата. Ја нападна Василкија, и’ рече дека хортензиите мора повторно да бидат засадени, Василкија не му одговори ништо.

 А што можеше да му каже на човек кој го заборавил едно од  основните човекови  права. Правото на приватна сопственост, правото дека секој  својот двор може да го уредува така како што замислил. Градскиот татко како што дојде така и си замина,со себе ја однесе и неговата сфита од луѓе без сопствен став и мислење ( народот за нив има едно име- подлизурковци). Василкија остана спокојна, си го допи кафето и уште еднаш погледна во патеката.  Василкија не беше учена жена, откако ги напушти студиите едвај да имаше прочитано неколку книги, но затоа знаеше многу приказни, зажали што на градскиот татко не му ја раскажа онаа за царевото ново руво и што не се потруди да му рече дека е близу денот кога некое детенце на улицата во малото гратче под Плачковица ќе викне:

Царот е гол!

 

 

Наш читател

 


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


About the author /


Related Articles

Временска прогноза