ДЕНЕШЕН ДЕН 12 ДЕКЕМВРИ …

1642.- Холандскиот морепловец Абел Тасман го открил островот Нов Зеланд, кој се наоѓа во југозападниот дел на Тихиот Океан, југоисточно од Австралија. Британска колонија е од 1841 година, а британски доминион е од 1907 година, кога влегол во составот на Британската заедница на народите на независна држава.

1821.- Во Руан е роден Гистав Флобер, француски писател, еден од основачите на реализмот во француската литература. Бил песимист, скептик и непристрасен набљудувач на фактите. Како противник на граѓанското лицемерие, врвно ги сликал секојдневниот живот и личностите од провинцијата. Напишал две театарски дела, неколку новели и оставил многу значајни обемни дела. Негови најзначјни дела се романите „Сентиментално воспитување“, „Госпоѓа Бовари“, „Саламбо“ и „Искушението на Антони“. Умрел на 8 мај 1880 година.

1922.- Во Бенешов, кај Прага, е роден Франтишек Вацлав Мареш, чешки професор по славистика на Виенскиот универзитет, научник од светски ранг кој има извонредни заслуги за афирмацијата на македонистиката во светот. Бил член надвор од работниот состав на МАНУ. Умрел во Виена, на 3 декември 1994 година.

1929.- Роден е Џон Озборн, англиски драмски писател. Се прославил со драмата “Сврти се во гневот”, во која го опишува револтот на својата генерација (млади гневни луѓе) против уништената младост и хаотичната иднина на современиот свет.

1948.– Роден е Срѓан Керим, македонски политичар, амбасадор, министер и претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации од 18 септември 2007 до 16 септември 2008. Срѓан Керим бил кандидат за Генерален секретар на ООН во изборниот процес во 2016 година.

1963.- Кенија станала независна држава и била прогласена за република во рамките на британскиот Комонвелт.

1974.- Генералното собрание на ООН ја усвоило Повелбата за економските должности и правата на државите.

1979.- НАТО дозволило инсталирање на евроракети во Европа.

1983.- Во Скопје умрел Дарко Дамески, еден од најистакнатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Во 1952 година ја завршил Државната средна театарска школа во Скопје. Бил член на Драмскиот ансамбл на Македонскиот народен театар во Скопје. Во 1964 година Дамески станал член на Драмскиот театар на чија сцена остварил четириесетина ликови. Во историјата на македонскиот филм неговото име е забележано уште во самите почетоци во „Волчја ноќ“, а потоа следуваат уште триесетина главни улоги, речиси во сите македонски филмови. Ликот на Дарко Дамески бил присутен и на малиот екран, почнувајќи од првите ТВ драми на ТВ Скопје, до речиси сите телевизиски серии и други позначајни емисии и проекти. Последните години од животот ги посветил на монодрамата преку која остварува најширок контакт со публиката. Роден бил во Прилеп, на 12. мај 1932 година.

1993.- Во Будимпешта, од срцев удар починал премиерот на Унгарија, Јожеф Антал.

1997.- Во Париз почнало судењето на Карлос Шакалот, “професионален револуционер” од Венецуела, чие вистинско име било Илич Рамирез Санчез. Тој бил обвинет за некои од најспектакуларните герилски операции во 70-те и 80-те години.

1997.- Пијаното на познатиот композитор и диригент, Леонард Бернштајн на една аукција во Сотби било продадено за 387.500 американски долари.

1999.- Во Скопје била основана Обединета партија на Ромите во Македонија. За претседател бил избран Неждет Мустафа.

2000.- Етиопија и Еритреја во Алжир потпишале мировен договор со кој формално завршила двегодишната погранична војна во која загинале десетици илјади луѓе.

2001.- По дводневното судење, францускиот мајор Пјер Анри Бинел бил осуден на пет години затвор, од кои три условно, заради оддавање воени тајни околу подготовките на НАТО за бомбардирањето на Србија (СРЈ) во 1998 година.

2003.- Умрел азербејџанскиот државник Хајдар Алиев, претседател на Азербејџан до пред самата смрт, кој повеќе од три децении бил клучен фактор во азербејџанската политика. Пред смртта обезбедил на функцијата претседател на државата да го замени неговиот син.

2007.- Умрел Ајк Тарнер, американски музичар, еден од пионерите на соулот и рокенролот, лидер на групата „Kings of Thuthm”. Бил добитник на наградите Греми во категоријата традиционален блуз за албумот “Sisin” With the Blues”. Роден бил на делтата на Мисисипи, колевката на американскиот блуз. Многумина го сметаат за творец на новиот музички жанр. Со поранешната сопруга Тина Тарнер снимиле низа хитови, од кои најпознати се “River Deep Mountain High”, “Littl Ann”, “A Fool In Love”, “Nuthbush City Limits” и “Proud Mary”, за кои ја добиле првата Греми-награда во 1972 година.

2019.- Холивудскиот ветеран Дени Ајело почина на возраст од 86 години, како последица од тешка инфекција. Тој стана познат по улогите во „Направи го вистинското нешто“ и „Кум 3“ во кој глуми Тони Розати, чиј лик е познат по неговата легендарна реченица „Мајкл Корлеоне вели здраво“. Ајело е роден 1933 година, а во актерството се прослави доста доцна, на своја 42-годишна возраст. Претходно работел како возач на автобус, како и вратар во ноќни клубови.

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


Related Articles

Временска прогноза