ДЕНЕШЕН ДЕН 27 ДЕКЕМВРИ …

1571.- Во Вајл, Германија, е роден Јохан Кеплер, германски астроном, математичар и физичар. Познат е по формулирањето на законите за движење на планетите што претставуваат основа на современата планетарна астрономија. Со своите проучувања ја докажал вредноста на хелиоцентричниот систем. Умрел во Регенсбург, Баварија, на 15 ноември 1630 година.

1585.- Во Париз умрел Пјер Ронсар, француски писател од времето на ренесансата, водач на поетската школа “Плејада”, љубител и добар познавач на грчката и на латинската книжевност. Француската поезија ја обновил со богатството на инспирации и со разновидноста на поетските облици. Роден бил на 11 септември 1524 година.

1822.- Во Дол е роден Луј Пастер, француски хемичар и биолог, кој во првите истражувања дошол до заклучок дека топлината ги уништува штетните бактерии и со тоа ја поставил основата на постапката за стерилизација при хируршките зафати, што во негова чест е наречена – пастеризација. Утврдил дека ферментацијата е биолошки процес и ги пробил дотогашните теории за спонтаната регенерација на микроорганизмите. Пастер го задолжил човештвото со откритието на вакцината против беснило, до која дошол по низа експерименти во 1895 година.

1831.- Англискиот научник Чарлс Дарвин ја започнал петгодишната експедиција во која ги проучувал геолошките формации, растенијата и животните. Ја засновал научната теорија за еволуцијата на живите организми, позната под името – дарвинизам.

1904.- Во Берлин е родена филмската актерка Марија Магдалена фон Лос, позната како Марлен Дитрих, една од најголемите филмски ѕвезди во светот на 20 век. Светската слава ја стекнала во американските црно-бели продукции, преминувајќи од Германија во САД, заедно со познатиот режисер Ерих фон Штрохајм, кому му ја должи својата најпозната креација во антологискиот филм „Синиот ангел”. Умрела во Париз, на 6 мај 1992 година.

1927.- Со одлука на Сталин, советскиот револуционер, поранешен раководител на Црвената армија и прв шеф на советската дипломатија Лав Троцки бил исклучен од Комунистичката партија. Две години подоцна бил протеран од Советскиот Сојуз. Троцки бил убиен во Мексико во 1940 година, по наредба на Сталин.

1938.- Во Скопје на македонски говор првпат е изведена драмата „Парите се отепувачка” од македонскиот драмски писател Ристо Крле.

1945.- Стапил во сила Договорот за основање Меѓународен монетарен фонд (ММФ), усвоен на Монетарната и финансиската конференција на Обединетите нации, во јули 1944 година, во Бертон Вудс, со учество на претставници од 44 земји, а со задача да ја унапредува меѓународната трговија, да воспоставува и да одржува валутна стабилност во светот.

1949.- Холандската кралица Јулијана потпиша Документ со кој и е даден суверенитет на Индонезија, по повеќе од три века холандска колонијална управа.

1956.- Флотата на Обединетите нации почнала со чистење на Суетскиот канал по Суетската војна, односно воениот поход на Велика Британија, Франција и Израел на Египет, стопирана со интервенција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

1969.- Либија, Судан и Обединетата Арапска Република  постигнаа договор за воен, политички и економски сојуз.

1971.- Во Скопје е отворена новата зграда на Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“.

1972.- Белгија, како прва НАТО-земја, воспостави дипломатски односи со Источна Германија.

1975.- Повеќе од 400 рудари загинаа во експлозија во рудникот за јаглен во Часнали во индиската држава Бихар.

1978.- Умрел алжирскиот државник Хуари Бумедиен, кој станал претседател на Алжир во јуни 1965 година, кога без пролевање крв ја соборил власта на Ахмет Бен Белa.

1979.- Во Авганистан е извршен државен удар со директно воено мешање на СССР. Првпат Советскиот Сојуз изврши интервенција во земја која не е членка на Варшавскиот пакт.

1992.- Магазинот “Тајм” го именува Бил Клинтон за “човек на годината”.

1992.- Американските ловци урнаа ирачки воен авион врз јужен Ирак наводно заради тоа што два ирачки борбени авиони биле со намера да ги нападнат американските авиони од типот „Ф-16“.

1995.- Израелските војници го напуштија Рамалах, со што заврши нивното повлекување од сите шест градови во Западниот Брег, кои врз основа на договорот меѓу Израел и ПЛО беа дадени под управа на Палестина.

2006.- Умре Џералд Форд, поранешен претседател на САД. Прекарот „случаен“ го доби затоа што на местото шеф на Белата куќа неочекувано го замени Ричард Никсон, кој се повлече по аферата „Вотергејт“. Бил единствениот претседател на САД кој не бил биран на избори за оваа функција. На изборите во 1976 година Форд бил поразен од  демократот Џими Картер.

2007.- Во Равалпинди била убиена Беназир Буто, поранешна пакистанска премиерка. Родена била на 21 јуни 1953 година.

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


Related Articles

Временска прогноза