МАКЕДОНСКИ ОБИЧАИ: БАДНИК ИЛИ КОЛЕДЕ И ЛЕПЧЕ СО ПАРИЧКА

Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Зборот Бадник доаѓа од зборот да бидеш буден. Таа ноќ сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“.

Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството.

Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ.

На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат.

Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.

Вечниот Бог – Коледарска песна

Вечниот Бог (Божикна честитка) коледарска песнаВечниот Бог слезе и во Дева се вселиСвет, Свет, Свет си и Пресвет Господи;Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази;Луѓе радувајте се, играјте, ангели веселете се;Прими Го Витлееме Господ твој, Царот на сите и Владика;Мудреци од Исток доаѓаат, дарови да принесат достојни;Да се поклонат на Господа, во пештера родениот;Кога слушна Ирод за настанот, целиот се потресе злобниот;Вака вели на свештениците, кои Му служат на Господа;Кажете ми мудри учители, каде треба Он да се роди;Обземен од бура на помисли, Јосиф намисли да Ја отпушти;Ноќта, пак, во сонот слушна глас, ангел Господов му проговори;Денес сета твар да се радува, нек҆ торжествува и се весели;Светлина на светот му засветли и тие во мракот ги осветли;Сите на Христа да Му пееме, Он заради нас се воплоти;О, Дево, Мајко, Владичице, спаси ги христијаните.

Gepostet von Radovis News am Mittwoch, 3. Januar 2018

Песните спроти Бадник се од Дебарско, од записи на Васил Икономов

Во Дебарско особено во нашите малорекански села,, вечерта спроти бадникот се подготвуваат лебови што се викаат колаци, со различни форми. Заедно со овие колаци (или колендари) замесуваат по еден голем леб што се вика чист леб, којшто го јадат на првиот ден на Божикот, кога повозрасните деца варат пченица (жито) со шеќер и ги пеат следниве песни:

1. Утре вечер – бадник вечер, бодни коња на пазара,
купи риба јогула, дојди дома да ја вариш,
сркни риба – убоцај се, пи си вино – весели се!

2. Теле велит: – Леле! Не колите мене,
ток` колите кокош! Кокош се скри пот кош!

3. Сива, сива гулабице, од коде си долетала до нашего господина?
Шчо чинеше наш господин?
– Ми правеше златни чаши, златни чаши и канати,
да послужит млада Бога, млада Бога и Божиќа.
Божик ми е на небеси, слава му е по се земја.

4. Добро утро стара бабо! Дај ми колач и погача!
Напи се вино и ракија, појди в племна – запали ја!
Sркни каша – попари се, косни риба – убоцај се!


Коледарски песни од записите на Mарко K. Цепенков

Коледица варварица, сива, сива гулабица
долетала од планина, и донесла убаина.

Коледица варварица, бери пења за вечера
мене ми се вечера, оти пиле ми загина,
од море до море, во царичини дворои.

Царица го нагазила, и цревцата му истурила.
Циу цвиц ми сторило и пилето си умрело.

По битолцќи Кoледица меледица,
и по неа Василица, и по неа дава, дава,
еднаш ни сте во година како цвеќе во градина.

Збирајте се дечиња, стред село на грејачка,
огон да си палиме, за да се изгреиме,
оти после ќе одиме, Коледа да викаме,
костење да збираме, за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме, и прасе да јадиме.

Колете, бре селани, дебелите крмнаци,
оти Божик ќе дојдит у селого на гости.

Олеле, деде, паднало греде,
отепало дете, дедо се влечи,
баба го плачи, и си го теши:

Молчи ми старче, кусо магарче,
подај ми праче, да не ти к`лвнат,
твоите гурелки. Подај ми камче,
да удрам петле; да не ти к`лвни,
твоите мрсулки.


Една од најпеаните песни што се пее Бадник или Коледе е „Коледе леде“:

Коледе, леде!
паднало греде,
утепало деде.
Дедо се мачи,
баба го квачи,
со четири јајца
гускини, паткини, шаткини!
О. О. коледе!

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


Related Articles

Временска прогноза