СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ-ЧУДОТВОРЕЦ

Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија.

Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година.

Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.

Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

 

(Именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка…)

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


Related Articles

Временска прогноза