11 ОКТОМВРИ, ДЕН НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ

На 11 Октомври 1941 борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за  ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

11 Октомври 1941, Ден на македонската антифашистичка борба

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври — државен празник кој се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред – на 17 октомври.Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.

Julkaissut Radovis News Keskiviikkona 10. lokakuuta 2018

 

 

 



Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

 

Related Articles

Временска прогноза