1560.- Умре францускиот крал Франсоа Втори, кој владееше само една година. Го наследи брат му Шарл Деветти, во чие владеење започнаа верските војни помеѓу римокатолиците и хугенотите.
1791.- Во Виена умре Волфганг Амадеус Моцарт, голем австриски композитор, автор на повеќе музички дела со кои остави печат на совршенството и на неповторливиот личен израз. На денот на погребот Виена не му се оддолжила на човекот кој нејзиното име го прослави во светот. Моцарт бил погребан во заедничка гробница на сиромашните, а неговиот ковчег никој не го испратил, освен неговото куче. Негови најпознати дела се оперите „Волшебната флејта“, „Свадбата на Фигаро“, „Дон Жуан“ и други. Роден е во Салцбург на 28 јануари 1756 година.
1848.- Во цела Америка почна „златната треска“ откако американскиот претседател Џемс Полк објави дека во Калифорнија е пронајдено злато.
1867.- Роден е полскиот државник маршалот Јозеф Клеменс Пилсудски, првиот претседател на Полска од 1918 до 1922 година и иницијатор на војната против Советска Русија во 1920 и 1921 година. Во 1926 година воспостави диктатура со што ја одржа власта се до смртта во 1935 година.
1870.- Умре францускиот писател Алесандар Дима. Најпрво се истакна со романтичните драми „Анри Трети и неговиот дворец“, „Антони“, „Кулата Нел“, „Кин“. Пишуваше и комедии, но со светска слава се стекна со многубројните романи со мотиви од француската историја: „Тројцата мускетари“, „Грофот од Монте Христо“, „Кралицата Марго“, „Дваесет години потоа“.
1901.- Во Чикаго е роден Волт Дизни, познат северноамерикански цртач и филмски продуцент, творец на модерниот цртан филм. Умре во Бурбанк, Калифорнија, на 15 декември 1966 година. Дизни со години беше водечка фигура во светот на цртаниот филм, затоа што беше тешко да се надмине неговата техника, поетска сила и духовитост.
1906.- Роден е американскиот филмски режисер од австриско потекло Ото Преминџер, пионер во подготовка на „широките платна“: Филмови: „Лаура“, „Ангелско лице“, „Кармен Џонс“, „Човекот со златна рака“, „Св. Јованка“, „Добар ден таго“, „Анатомија на едно убиство“, „Егзодус“, „Кардинал“.
1926.- Умре францускиот сликар Клод Моне, еден од основачите на импресионизмот.
1940.- Умре чешкиот виолинист и композитор Јан Кубелик, кој на осумгодишна возраст почна со јавен настап, стекнувајќи се со углед на еден од најголемите виолински виртуози на своето време. Дела: „Американска симфонија во a-mol“, шест концерти за виолина и оркестар, симфониски варијации за виолина и камерен оркестар, кратки композиции за виолина и клавир.
1983.- Умре американскиот филмски режисер Роберт Олдрич. Снимаше трилери, вестерни, хорори, психолошки драми и комедии. Филмови: „Што се случи со Беби Џејн?“, „Вера Круз“, „Апач“, „Дванаестмината жигосани“, „Бакнеж на смртта“, “Тивко, тивко Шарлота“, „Затворски круг“, „Големиот нож“, „Убиството на сестрите Џорџ“.
1995.- Шефот на шпанската дипломатија Хавиер Солана официјално ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО, како прв Шпанец на чело на западниот воен сојуз.
1996.- Претседателот на САД Бил Клинтон за министер за надворешни работи (државен секретар) ја назначи Медлин Олбрајт, прва жена на таа функција во американската историја.
1997.- Вулканот Безимјани на полуостровот Камчатка, на рускиот Далечен Исток, повторно е активиран при што се формираше вулкански прав од осум до десет километри над земјината површина.
2011.- Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008. Претседателот на Судот Хисаши Овада соопшти дека Одлуката е донесена со 15 гласови за и еден против. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот и во огромен процент тие се испочитувани.
2011.- Во Скопје умре Ѓорѓи Доневски, претседател на Здруженијата на децата-бегалци од Егејска Македонија „Незаборав“. Доневски на 13-годишна возраст беше одделен и одроден од семејството и местото на раѓање за да го продолжи животот во Бела Црква. Беше неуморен борец за правата на Македонците од Егејска Македонија. Роден во 1935-та во с. Бапчор во Егејска Македонија.
2013.- Првиот црн јужноафрикански претседател и икона на борбата против апартхејдот, Нелсон Мандела почина во својот дом во Јоханесбург на 95-годишна возраст. Мандела ја предводеше мирната транзиција во Јужна Африка со префрлањето на власта од белото малцинство на црнечкото мнозинство во 90-те години на 20-от век, откако претходно во затвор помина 27 години. Во 1993 година ја доби Нобеловата награда за мир, а следната година беше избран за првиот црнец претседател на Јужна Африка. На крајот на својот петгодишен мандат во 1999 година се повлече од функцијата и од политиката.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови