Книжевната награда „Караманов 2022“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик, едногласно, ја добива поетскиот ракопис под насловот „Ефемиди“ од поетот Милчо Мисоски.
– На годинашниот конкурс за наградата „Караманов 2022“ се јавиле 35 поети со свои необјавени поетски ракописи. Од селектираните три најдобри ракописи во најтесен избор: „Монологија на кристалот“ од Љубинка Донева, „Душата на зборот“ под шифра „Мечтателот за подобро утре“, поетскиот ракопис „Ефемиди“ од Милчо Мисоски се издели од останатите ракописи со својата оригиналност, гномичниот израз со раскошна метафорика и рефлексија на мислата. Воедно, оваа поезија се издели и со својот луциден ламент на метафизичкото во кое стихот е како што поетот самиот поентира: „она старо небо кое ги знаеше сите зборови на кои земјата сонува“.
Со изграден и веќе препознатлив поетски јазик „Ефемиди“ на Мисоски нè уверуваат дека од строгоста на имагинацијата вистината ѝ простува на стварноста со што од читателот се бара да биде буден за сѐ она што ни се случува за да не го осудуваме она што не го разбираме, односно да ја разбереме строгоста на вистината – стои во образложението од страна на жири-комисијата.
*фото Архива
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови