4 ФЕВРУАРИ – ДЕНОТ НА РАЃАЊЕТО НА ГОЛЕМИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Македонија денеска го одбележува раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, еден од најзначајните ликови во историјата на борбата за македонската државност.

Роден е на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Освен тоа што бил револуционер, тој бил и голем тактичар и политичар кој кажал многу мудрости со кои ја предочил македонската идеологија и иднина.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

 

Делото на Гоце Делчев остана како патоводна ѕвезда за идните македонски поколенија.

„Секој народ во епохата на своето национално оформување и ослободување раѓа и такви херои што се јавуваат како најдобри и најценети претставници на народните борби и гледања. Така и македонскиот народ во епохата на своето национално оформување исфрли од својата средина еден таков национален херој – Гоце Делчев, кој целиот свој живот се бореше за слободата на независноста на Македонија и со својата крв ги цементира основите на македонската ослободителна борба.

Во моментот, кога целиот македонски народ се наоѓаше во трескава подготовка да ги раскине вековните окови на тиранот и пред целиот свет да ја покаже својата гордост и зрелост за слободно национално постоење, тој со неуморна смелост и доследност подготвуваше востание внатре и се бореше против крстоносниот орган на странските посегнувачи однадвор, бидејќи знаеше дека само така борбата ќе излезе смислена и резултатна. И во тој нагорен но светол пат, тој предвреме херојски падна во служба на народот, оставајќи да биде довршенр народното дело од следните македонски поколенија. Но затоа пак тој ни остави еден пример полн со содржина и поуки за сите македонски синови.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.


На денот на неговото раѓање, издвојуваме дел од мудростите кои ги кажал Делчев.

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков
пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија
на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата – или ќе водиме говеда на касапница.“


„Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива.“

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“

„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


Related Articles

Временска прогноза