Штета е тие покриви коишто ги имаат општините, училиштата, основните и средните училишта, градинки итн. да не се искористат и верувам дека после Општина Центар, Општина Радовиш ќе има и многу други општини коишто ќе постават фотоволтаици на нивните покриви со што ќе си ги намалат трошоците за електрична енергија, вели претседателот на РКЕ.
Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски на денешната прес-конференција информираше дека комуналните претпријатија имаат проблем да се регистрираат во Централен регистар за да можат да постават фотоволтаици, со што ќе ги намалат нивните трошоци. Тој додаде дека се работи на надминување на проблемот, како што било случај со општините.
– Во комуникација сме со јавни комунални претпријатија и од Прилеп, имавме состаноци и со Водовод и канализација од Скопје и други комунални претпријатија коишто се заинтересирани да инвестираат во фотоволтаици со цел да си ги намалат трошоците. Има одредени проблеми при нивното регистрирање во Централен регистар затоа што треба својата дејност која што е водоснабдување во листата на дејности да додадат и производство на електрична енергија и има одредени законски проблеми па се обидуваме сите да го надминеме тој проблем. Кај општините го надминавме. Еве, веќе знаете, има најави од Општина Центар коишто формираа посебен ДООЕЛ којшто ќе се занимава со енергетските активности во општината.
Исто така, на добар пат е и Општина Радовиш, така што идејата е секаде каде што можеме во рамките на нашите надлежности да им помогнеме и на општините и на комуналните претпријатија. Штета е тие покриви коишто ги имаат општините, училиштата, основните и средните училишта, градинки итн. да не се искористат и верувам дека после Општина Центар, Општина Радовиш ќе има и многу други општини коишто ќе постават фотоволтаици на нивните покриви со што ќе си ги намалат трошоците за електрична енергија и во основните и во средните училишта, а исто така ќе си ги намалат трошоците и за јавно осветлување – објасни Бислимовски.
На новинарско прашање околу тоа дали лица блиски на функционери во земјава земале лиценци за фотоволтаици, Бислимовски рече дека според податоците коишто ги поседуваат не гледаат дали фирмата е на некој.
*фото Архива
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови