Во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш се одржа промотивен настан во рамките на проектот „Енергетски ефикасен регион“, инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата шема на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – фаза 2, финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.
На настанот свое обраќање имаа Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, Директорот на ЦРЈИПР, Ѓоко Камчев, Градоначалникот на општина Радовиш, Ацо Ристов и Градоначалникот на општина Конче, Златко Ристов.
На настанот беа претставени досегашните имплементирани активности по проектот кои ќе придонесат кон создавање на енергетски ефикасен регион, првенствено во делот на производство и употреба на електричната енергија преку искористување на обновливи извори на енергија.
Со овој проект е предвидено изградба на систем на фотонапонски централи на покривите на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш со капацитет од 430 KW, како и изработка на софтверски дигитален систем од страна на изведувачот ПЦ „Контрол Хардвер“ од Струмица.