ИЗЛЕГОА ОД ПЕЧАТ КНИЖЕВНИТЕ ИЗДАНИЈА НА 50 ЈУБИЛЕЈНИ КАРАМАНОВИ НАГРАДИ

Во пресрет на јубилејните 50 по ред Караманови поетски средби Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш во едицијата „Караманов“ ги објави јубилејните книжевни изданија од наградените поетски ракописи:

-Книгата „ЗАМИСЛИ ПРАВТА ДА ПРИПАЃАШЕ САМО НА ДРУГАТА СТРАНА“од естонскиот  поет Јури Талвет, која ја доби Интернационалната награда  „Ацо Караманов  2023“. Оваа книга е  објавена тројазично – на естонски, англиски и македонски јазик. Препевот од англиски на македонски јазик го направи поетесата Даниела Андоновска-Трајковска.

-Поетската книга  „ПОИНАКОВ СОН“ од поетот  ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ, којашто ја доби книжевната награда „Караманов 2023“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик

-Поетската книга „АПОСЕМИЧНА МИМИКРИЈА“ од младата поетеса Димитра Десановска Ставрев за најдобро дебитантско остварување и 

       -Панорама на 50 Караманови средби приредена од писателот Борче Панов. Уредници на претходно наведените книги се писателите Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска.

 

        Воедно, Советот на 50 Јубилејни Караманови средби ја објави и програмата на средбите која изобилува со богати културни и уметнички содржини во знак на големиот јубилеј 50 години од Караманови средби, а во чест на младиот гениј Ацо Караманов – поет и борец за кого слободата била петто календарско време.

 

         Во контекст на програмските содржини ќе се доделат награди наградните книги, а ќе се додели и Специјална награда на поетесата Љубинка Донева за нејзинот поетски ракопис Монолог на пирејот како вторпласиран ракопис на конкурсот за македонски автори. Исто така ќе се доделат и награди за најуспешните млади литерати, кои се јавија по Конкурсот распишан исто така од Центар за култура Ацо Караманов Радовиш.

Централните поетски  фестивалски содржини на јубилејните 50 Караманови средби свечено  ќе ги отвори покровителот на средбите Ацо Ристов – градоначалник на општина Радовиш, а беседа за Ацо Караманов и фрагменти од неговата монодрама „Јас сакам да станам поет“ ќе прочита Доне Донев – артист, публицист и поет. Фестивалот ќе биде збогатен и со Изложба на дел од збирката со скулптури и избрани дела од 60 Ликовна колонија од НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, а за музичкиоот дел ќе се погрижи музичкиот состав „Дуо Либерта“ со популарното „Либер танго“ и со други класични композиции.

Во рамките на фестивалот ќе  бидат промовирани сите наградени книги, а ќе биде емитиран и документарниот филм  за Ацо Караманов од серијалот „Поети и револуционери“.

Инаку чествувањето на овој голем јубилеј во чест на Ацо Караманов започна со полагање на свежо цвеќе на спомен обележјето на Ацо Караманов близу селото Смојмирово како место на неговата херојска смрт. Чествувањето беше реализирано во организација на Центар за култура „Ацо Караманов“ и директорот Никола Миовски, а во соработка помеѓу општина Радовиш и општина Берово, а беше приредена и богата програма со голем број учесници од општинските училишта од Радовиш. Најмладите од општина Радовиш ќе бидат вклучени и во работата на трининми посветени на ликот и делото на Ацо Караманов

Исто така на фасадата од Центарот за култура „Ацо Караманов“ осамнаа и визионерските стихови на Ацо Караманов  изработени во месинг –„Ние/ и кога умираме/ треба да пееме“.

 

 

 



Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

About the author /


Related Articles

Временска прогноза