ДЕНЕШЕН ДЕН 01 ФЕВРУАРИ …

1328.- Роден е францускиот крал Шарл Четврти Убавиот, последниот директен потомок на династијата Капет на престолот на Франција, кој воедно беше и крал на Навара, како Шарл Први. Во текот на владеењето од 1322, ја реформира администрацијата со настојување да ја зајакне монархијата, а 1327 година склучи мир со Англија.

1650.- Умре францускиот филозоф, математичар и физичар Рене Декрет, основач на нововековната европска филозофија, посебно на модерниот рационализам. Дела: „Расправа за методите“, „Правила за раководење со умот“, „Медитации за првата филозофија“, „Расправа за страстите на душата“, „Принципи на филозофијата“, „Геометрија“.

1793.- Револуционерна Франција по неполни две недели по погубувањето на кралот Луј Шеснаесетти, им објави војна на Велика Британија и на Холандија.

1834.- Во Охрид е роден Кузман Шапкарев, еден од најзначајните собирачи, публикувачи, афирматори на македонски народни умотворби и еден од првите македонски учебникари. Ги објави делата “Зборник на народни умотворенија, наука и книжнина”, “Материјали за животописот на браќата Миладиновци Димитрија и Константин”, како и осум учебници што ги напиша за потребите на училиштата на Македонија. Умре во Софија, на 18 март 1909 година.

1840.- Во американскиот град Балтимор отворен е првиот стоматолошки факултет во светот.

1872.- Во селото Лактиње, Охридско, е роден Смиле Војданов, македонски револуционер, учител и војвода. Учесник е во Илинденското востание во својство како војвода во Дебарско и Охридско. Тој е првиот македонски лобист на просторот на цела Северна Америка, залагајќи се за македонска држава. Умре во Понтијак, САД, на 4 март 1958 година.

1874.- Роден е австрискиот писател Хуго фон Хорфманстал чии стихови и прозни дела се полни со меланхолија и резигнација. Соработуваше со Рихард Штраус, за чии композиции пишуваше либрета. Дела: драмите „Тицијановата смрт“, „Бела лепеза“, „Електра“, „Едип и Сфинг“, „Човек“, „Кула“, либретата „Кавалер со ружи“, „Жена без сенка“, приказната „Бајка на 672 ноќи“, есејот „Писмо на лордот Чендос“.

1883.- Под раководство на францускиот инженер Фердинанд Лесепс, градител на Суецкиот канал, почна изградбата на Панамскиот канал, која заврши со еден од најголемите финансиски скандали во 19. век. Работите беа прекинати цели 20 години. Целосна контрола над зоната над каналот презедоа САД со чија финансиска подршка каналот е завршен во август 1914 година. Каналот е долг 81 километар.

1887.- Основан е Холивуд, најголемиот филмски град (предградие на Лос Анџелес) во светот. Првиот филм е снимен во 1911 година.

1893.- Томас Едисон во Вест Оринџ во Њу Џерси го отвори првото филмско студио во светот.

1901.- Роден е американскиот филмски глумец Клерк Гејбл, кој играше во повеќе од 70 филмови. Филмови: „Источен пат“, „Слободна душа“, „Се случи една ноќ“ (Оскар), „Кинеско Море“, „Однесено од виорот“, „Сан Франциско“, „Могамбо“, „Пробен пилот“, „Неприлагодени“, „Луѓе во бело“ и други.

1907.- Хондурас почна војна со Никарагва поради пограничните територии.

1908.- Во одговор на теророт предизвикан од режимот, републиканските следбеници во Лисабон ги убија португалскиот крал Карлос Први и неговиот син кој требаше да го наследи престолот.

1912.- Во селото Буф, Леринско, е роден д-р Трифун Пановски, борец во НОВ на Македонија. Загина во несреќен случај во близина на селото Буринец, Струшко (во несреќата загинаа уште тројца борци и едно дете), на 22 јуни 1944 година.

1922.- Родена е италијанската оперска пејачка Рената Тебалди, една од најголемите лирски сопрани на 20. век, која брилјантно ги интерпретираше големите рољи, посебно во оперите на Ѓузепе Верди и Ѓакомо Пучини.

1924.- Британската лабуристичка Влада го призна СССР, што значително придонесе за намалување на дипломатската изолација на првата социјалистичка земја во светот.

1943.- Кај селото Старо Градско, на Косово, во борба против италијанските фашисти и против балистите, загина Александар Урдаревски – Станко, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во селото Чучер, Скопско, на 18 февруари 1920 година.

1944.- Во Њујорк умре Пит Мондријан, холандски сликар и теоретичар. Како еден од основачите на групата “Де Стил”, во 1920 година објави манифест за “неопластицизмот”. Од 1940 година живееше во САД. Тој е значаен претходник на новото сликарство. Роден е на 7 март 1872 година.

1945.- Во велешката гимназија „Кочо Рацин“ првпат во слободна Македонија почна наставата на мајчин македонски јазик. Гимназијата е основана во 1857 година и е најстара гимназија во Македонија.

1946.- Тригве Ли (од Норвешка) е избран за прв генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации.

1946.- Унгарија е прогласена за република со претседателот Золтан Тилдиј и премиерот Ференц Наѓи. Во меѓувоениот период Унгарија беше кралство без династија, што претставува единствен случај, па затоа грофот Хорди ја вршеше функцијата регант.

1962.- Во Белград умре Пјер Крижариќ, сликар и графичар од Словенија, еден од доајените на современата поранешна југословенска карикатура. Роден е во Глина, на 19 мај 1890 година.

1966.- Умре американскиот филмски актер и режисер Бастер Китон, кој секогаш глумеше осамен човек, предодреден да се бори сам против сите. Филмови: „Генерал“, „Нашето гостопримство“, „Навигатор“, „Снимател“, „Булевар на самракот“, „Светла сцена“.

1974.- Во пожар кој го зафати новоизградениот облакодер во бразилскиот град Сао Паоло загинаа повеќе од 220 луѓе.

1979.- Иранскиот верски водач алатолахот Рухолах Хомеини по 15 години бегство од Париз се врати во земјата. Со тоа настапи новата фаза на исламската револуција со која во Иран е воспоставена исламската теократија.

1991.- Во земјотрес кој ги погоди пограничните области на Авганистан и Пакистан загинаа повеќе од 1.200 луѓе.

1994.- Владата на Република Македонија донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Финска на ниво на амбасади.

1995.- Поплавите во Холандија ги натера околу 250.000 луѓе да ги напуштат своите домови. Тоа беше најголемиот егзодус во историјата на Холандија.

1996.- Претседателот Жак Ширак објави дека Франција заврши со нуклеарните проби „еднаш засекогаш“.

1996.- Советот за безбедност на ООН го прифати предлогот на генералниот секретар на ООН од овој датум силите за превентивно распоредување на ООН (УНПРЕДЕП), да останат целосно независна операција во Република Македонија.

2000.- Ултрадесничарската Слободарска странка на Јерг Хајдер и Народната партија на Волфганг Шисел постигнаа договор за коалиција, наспроти предупредувањето на останатите 14 земји-членки на Европската унија и САД дека влезот во владата на Хајдеровата партија, на која и се препишува кокетирање со нацизмот, ксенофобичност и дискриминација на малцинствата неизбежно ќе предизвика непријатни последици за Австрија.

2003.- При враќањето на Земјата од мисијата која траеше 16 дена, американскиот вселенски шатл „Колумбија“ се запали и се распадна над Тексас 15 минути пред планираното слетување. Загинаа сите седум членови на екипажот, вклучувајќи и две жени и првиот Израелец-астронаут.

2004.- Во метежот во текот на муслиманскиот обред Каменување на ѓаволот во близина на Мека загинаа 251 верници.

2004.- Во просториите на две курдски партии во Ербил, на север во Ирак, двајца исламски терористи-самоубијци усмртија најмалку 117 луѓе.

2007.- Умре Аделаида Тамбо. Целиот свој живот го посвети на борбата против апартхеидот. „Мама Тамбо“, како ја нарекуваа, беше меѓу водечките членови на Африканскиот национален конгрес (АНЦ). Покрај бробата против апартхеидот, беше и борец за женски права. Аделаида Тамбо беше пратеник на АНЦ во првата демократски избрана влада на Јужноафриканската Република.

2008.- Во две одвоени експлозии, на багдатските пазари, кои ги изведоа жени бомбаши-самоубијци, загинаа 99, а беа повредени најмалку 145 луѓе.

2012.- На 88-годишна возраст по долго и тешко боледување умре полската поетеса и добитничка на Нобеловата награда Вислава Шимборска. Шимборска Нобеловата награда за книжевност ја доби во 1996 година. Во својата поезија често пати користеше иронија за да прикаже филозофски теми и интереси, а нејзините дела се преведени на речиси сите европски јазици, како и на арапски, хебрејски, јапонски и кинески. Таа објави релативно мал број дела, се на се околу 250 песни. Шимборска е родена на 2 јули 1923 година во Бнин.

2012.- Најмалку 74 лица загинаа, а околу 1.000 лица се повредени при нередите што избувнаа по фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Ал Масри“ и „Ал Ахли“ во египетскиот град Порт Саид. „Ал Масри“ победи со 3:1, а само неколку минути по завршувањето на натпреварот навивачи на двата тима уапднаа на теренот и почнаа меѓусебна пресметка во која беа користени и камења и шишиња.

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза