Св.ТРИФУН -празник на надежта за добра берба

Лозарите и винариите се подготвени за денешниот голем празник Св. Трифун во кого веруваат дека ќе го заштити лозјето од суши и мраз и ќе донесе голем род. Винариите, лозарите, семејствата каде што постои традиција на закројување на лозјето го прават адетот, но и прославуваат преку богата гозба, вино и музика.

Празнување на Свети Трифун

Праволавните христијани го слават Св.Трифун со желба за добро здравје, добро расположение и богат род на лозјата.

Според народните претстави, Свети Трифун се грижи за лозјето и за виното. Се верува дека тој ги штити насадите и градините од разни штети и несреќи. На иконите најчесто е претставен во обична руба, долама со наметка, држејќи во едната рака срп и сноп, а во другата крст и винова лоза.

Денес сеуште се зачувани многубројни обичаи поврзани со славењето на празникот Свети Трифун. На овој ден, во Тиквешијата и останатите вински региони во Македонија рано наутро се оди во црква каде попот пее молитва и свети вода. Откако ќе заврши богослужбата во црквата, се оди на лозјето каде попот ги прска лозите со светата вода и обредно закројува (поткаструва) три лози со благословот “Дај Боже бериќет”. Домаќинот исто така закројува неколку гранчиња. По завршување на закројувањето, се оди во винариите каде се пие вино и се гоштева. Винариите во Македонија на Свети Трифун имаат отворен ден.

Преданија

Познатиот македонски писател и собирач на народни сказанија, Кузман Шапкарев, запишал обичаи за Свети Трифун, од струшко, каде на  постсмев светецот бил нарекуван Трипун пијаница и го сметале за претседател и покровител на градинарството и лозарството бидејќи ги чувал градинарските сеидби и лозјата од пакосните инсекти кои ги уништувале.

Историја

Името на светителот Божји когошто го споменуваме на 1. Февруари (14 февруари според Грегоријанскиот календар) е св. Трифун (од хеленското τρυφη – мекост, нежност).

Маченикот Христов, Трифун, е роден околу 225 година во селото Кампсада во Фригија (Мала Азија), од сиромашни, но благочестиви и побожни родители. Уште како мал, преблагиот Бог благоволил да ја всели во него благодатта на Светиот Дух и да му подари дар на чудотворство. Според некои стари книги-молитвеници, еднаш, по молитвите на свети Трифун биле спасени од глад жителите на Кампсада. Таму се појавиле инсекти што ги јаделе житните растенија, лисјата на дрвата и на сите растенија. Свети Трифун, исполнет со тага поради ваквата несреќа на народот, ги кренал рацете кон Господа, молејќи го да испрати свој ангел за да ги порази штетните инсекти; притоа светиот маченик и самиот ги заколнал инсектите да се оддалечат на недостапни места, погодни за нивно живеење.

Исто така, светото дете, Трифун, исцелувал разни болести и прогонувал демони. Едно такво чудо се случило за време на владеењето на римскиот цар Гордијан, чијашто ќерка полудела од умот и со тоа го фрлила царот во голема жалост. Ниеден лекар не можел да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборел преку девојката и рекол дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикале и овој млад Трифун. Го довеле во Рим и тој ја исцелил царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги разделил на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжило да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацарил христоборниот Декиј, Свети Трифун бил малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но, тој со голема радост ги поднел сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудиле на смрт со меч. Му се помолил на Бога и издивнал на 14ти февруари 248 година пр.н.е..

 



Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза