ФИЛИПЧЕ: ПЛАТИТЕ НА ДОКТОРИТЕ СЕ ПОКАЧИЈА ДВОЈНО, ОБЕЗБЕДИВМЕ КВАЛИТЕТЕН ИНСУЛИН ЗА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ

Венко Филипче во своето прво интервју по објавената кандидатура за пратеник се осврна на реализираните проекти во здравството додека тој беше министер во период од пет години, кога Владата ја предводеше Зоран Заев.

 Филипче истакна дека во тој период, и покрај сите предизвици со Ковид кризата, реализирани се низа проекти и реформи кои се од клучно значење за пациентите и здравствените работници.

 „Сериозно ги покачивме платите на докторите, повеќе не работат за 60.000 денари туку за 120.000 денари. Повеќе од 20.000 луѓе пациенти со дијабет добија оригинален инсулин благодарение на тие инвестиции. До тој момент луѓето примаа инсулин од паралелен увоз од Турција, не знаеја како делува тој и имаа бројни компликации. За првпат ги плативме приватните специјализанти. Тие до тогаш работеа бесплатно, ги плативме и дежурствата и добија и здравствено осигурување“, меѓу другото напомена Филипче.

 Тој уште еднаш изрази поддршка за барањата на специјализантите кои бараа покачување на платите и рече дека треба да се зголемат во согласност со зголемувањето на сите примања во државата.

 Филипче истакна дека во неговиот мандат се извршени реконструкции во огромен број на здравствени установи, обезбедени се лекови за лицата со ретки болести и низа други реформи кои биле директно во корист на пациентите. Тој исто така кажа дека е потребно да се направи уште многу и дека во здравството се потребни уште повеќе инвестиции.

 „Се реновира огромен број на одделенија низ државата, се купи огромен број на опрема, точно димензионирана таму кај што треба за луѓето да не патуваат и да ги прават потребни интервенции и радиолошки испитувања ширум државата. Ги вклучивме целосно младите лекари во системот на донесување на одлуки, за прв пат ја плативме нивната работа. Меѓутоа, знаете како, тоа е еден динамичен систем. Потребни се континуирани подобрувања“, рече Филипче.

 

 


 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

 

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза