ДОКУМЕНТИТЕ ЗА УПИС ВО СРЕДНО ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ДОСТАВАТ И ЕЛЕКТРОНСКИ И ВО ХАРТИЕНА ФОРМА – објавен конкурсот за запишување ученици во средните училишта

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во јунски уписен рок со две пријавувања. Иако пред две години за прв пат беше воведено електронско пријавување сепак, учениците мораа да ги носат документите во училиштата и во хартиена форма. Така ќе биде и годинава.

„Пријавувањето на учениците ќе се врши преку електронско аплицирање, преку линк до порталот за електронски услуги на МОН https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk. Првото електронско пријавување на учениците ќе се врши од 20 јуни до 25 јуни 2024
година до 15 часот. Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 20, 21 и 24 јуни од 07 часот до 17 часот и на 25 јуни од 07 до 15 часот“, пишува во конкурсот.

Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ја објавува на 26 јуни 2024 година, најдоцна до 09.00 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број на ученици од предвидените во овој конкурс, а кои ги исполнуваат предвидените услови, се организира квалификациско тестирање. Тестирањето се однесува за сите ученици кои имаат ист број поени и се под и над последниот реден број предвиден за прием согласно конкурсот. Квалификациско тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 28 јуни, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 28 јуни.

Второто електронско пријавување на учениците ќе се врши на 1 и 2 јули, а во истите денови треба да се достави и докуемтацијата во хартиена форма.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после уписниот рок со две пријавувања.

Критериуми за избор на учениците се средниот успех на ученикот од VI до IX одделение, средниот успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката), дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по предметите мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката односно изборното подрачје, а критериум е и средната вредност од поени добиени за поведение од VI до IX одделение.

Пред две години, во гимназијата „Орце Николов“ за 285 слободни места се пријавија 337 ученици, по што мораше да се организира квалификациско тестирање за да се изврши селекција. Следната година, во оваа гимназија во првиот уписен рок не беше пополнет бројот на слободни места.

 

 

*фото Архива


 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

 

 

 

 

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза